Битола по добиените информации за надминување на прагот за суспендирани честички во воздухот со големина од десет микрометри (PM10) и надминување на вредноста од 100µg/m3 во текот на два последователни денови на 16 и 17 декември, испрати јавни препораки до граѓаните за заштита на сопственото и здравјето на други лица.
Од Општина Битола апелираат да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат во едно возило во исто време, но исто така препорачуваат да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или било кој друг синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.
Секторот за односи со јавност на Општина Битола ги сподели и препораките на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје до јавноста во кои се посочува на ограничување на движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцево садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го вршат на отворен простор во загадените зони на градот. Се препорачува земање витамини (антиоксиданси), главно преку исхраната (свеж сезонски зеленчук и овошје), по потреба и додатоци односно суплементи, а хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапиија од матичните лекари и да се придржуваат до препорачаниот диететски режим со намален внес на масна и солена храна.
Барање за решавање на проблемите со загадувањето на амбиенталниот воздух во Битола, синоќа на мирен протест во овој град испратија граѓански организации кои делуваат во оваа општина.
MИА