Светски економски форум: Жените и мажите ќе бидат еднакви за 257 години – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/19 3:51 PM

Светски економски форум: Жените и мажите ќе бидат еднакви за 257 години

Жените во своите економски права ќе се изедначат со мажите за 257 години, покажува извештајот од Светскиот економски форум (WEF), кој го мерел јазот во социјалната положба на жените и мажите во областа на економијата, образованието, здравството и политичката моќ.

„Родовата еднаквост ќе се постигне за некои сто години“, се вели во најновиот годишен извештај на WEF.

Од Светскиот економски форум соопштија дека напорите за постигнување еднаквост се значително зголемени во однос на минатата година, пред сè благодарение на поголемата политичка застапеност на жените, пренесе агенцијата „Хина“.

Сепак, се предупредува дека токму политичката арена е областа каде разликите остануваат најголеми.

Како што се наведува, со сегашното темпо 95 години ги делат жените до целосна рамноправност на политичката сцена.

Јазот е најмногу намален во образованието, така што жените ќе треба да чекаат уште 12 години за еднаквост.

Од вкупно 153 земји опфатени во истражувањето, целосна еднаквост на жените и мажите во образованието е постигната во 40 од нив.

Учеството на жените на пазарот на трудот стагнира, финансиската нееднаквост се продлабочува, а учеството на жените во економијата и нивните можности во оваа сфера се извор на загриженост.

„Ова е единствената област каде напредокот преминува во регресија“, велат од WEF, додавајќи дека ќе бидат потребни 257 години за жените да бидат еднакви со мажите, а како причина се наведува тоа што жените се повеќе застапени на места кои во иднина ќе исчезнат поради процесот на автоматизација.

Извор: denar.mk