Зголемен бројот на медицински услуги во кавадаречката болница – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/19 3:18 PM

Зголемен бројот на медицински услуги во кавадаречката болница

За 50 отсто е зголемен бројот на извршени медицински услуги на пациенти во кавадаречката болница, информираше на прес конференција директорот на оваа регионална здравствена установа д-р Диме Коцев. Тој нагласи дека со вложувањето во опрема и кадар вратен е и сјајот на болницата. За многу дијагностички методи не е потребно жителите од Тиквешијата да патуваат во Скопје или Велес.

„Набавивме нов апарат за анестезиологија на хируршкото одделение, во вредност од 1,8 милиони денари. Со овој апарат обезбедивме поголема сигурност во работењето во нашите хируршки сали. На гинеколошко акушерското одделение набавивме и пуштивме во употреба нов апарат за ултра звук за соодветно следење на бременоста и дијагностицирање на болестите кај жената. Ехо кабинетот го опремивме со најсовремен колор доплер апарат за ултразвук со што за прв пат во нашата болница воведовме  метода за ехо преглед на срце“ вели д-р Коцев.

Информира дека ја надградиле и ендоскопската амбуланта со апарат за колноскопија, а за транспорт на пациентите до други медицински установи во земјава преку донација е набавено целосно опремено санитетско возило.

„Подобрениот квалитет на здравствените услуги во болницата значително влијаат врз враќањето на изгубената доверба на граѓаните во оваа здравствена установа, како и во целиот здравствен систем“ вели директорот на болницата.

Ангел Данов