Врховниот суд на Хрватска ја укина ослободителната пресуда на Жупанискиот суд во Риека, со која првиот човек на некогаш многу моќниот „Агрокомерц“ од Велика Кладуша, БиХ, беше ослободен од обвиненијата за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување, пренесоа вчера хрватски медиуми. Тој и неговиот син се товареа за склучување фиктивни договори за заеми и спогодби за право на сопственост во врска со работењето во „Агрокомерц“ пред 18 години.
Фикрет Абдиќ во март 2012 година беше пуштен на слобода од затворот во Пула, откако издржал две третини од казната, односно десет години и девет месеци, на која бил осуден поради воени злосторства извршени на подрачјето на Босанска Краина од 1993 до 1995 година и прогласувањето на самонаречената автономна покраина западна Босна. Жупанискиот суд во Карловац во 2003 година го осуди на 20 години затвор, а Врховниот суд на Хрватска казната му ја намали на 15 години.