Малцинствата од православна веросповест во Албанија бараат 7 јануари да влезе во календарот на празници – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/19 7:29 AM

Малцинствата од православна веросповест во Албанија бараат 7 јануари да влезе во календарот на празници

Малцинствата од православна веросповест во Албанија бараат 7 јануари, да влезе во календарот на официјални празници.

Барање за тоа вчера до албанскиот законодавен дом го доставил Васил Стерјовски, пратеник од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

– Денеска во албанското Собрание поднесов амандман за дополнувања на законот бр. 7651, од 21.12.1992 година „За официјалните празници и спомен денови “. Преку овој амандман, предлагам албанското Собрание да го внесе во календарот на празници во Република Албанија, 7-ми јануари, Божик според Јулијанскиот календар и тој да биде неработен ден за македонското, српското и црногорското национално малцинство од православна вероисповед, изјави вчера за МИА Стерјовски.

Во образоложението наведува дека Божик, Хрстовото раѓање е еден од најголемите празници за православните христијани и за таа цел, неговото славење на достоинствен начин е неопходност за сите припадници на македонското, српското и црногорското национално малцинство од православна вероисповед во Албанија.

– Поддршка на оваа иницијатива, даде Советот на општина Пустец, кој смета дека е многу неопходно, со оглед на фактот дека Општина Пустец е населена со 100 отсто македонско население од православна вероисповед. Ги слават православните празници вклучително и Божик според Јулијанскиот календар, вели Стерјовски.

Посочи дека целосна поддршка дал и Државнот комитет за малцинства, како и сите здруженија кои ги застапуваат интересите на македонското, српското и црногорското малцинство во Албанија и се грижат за нивниот национален, верски, културен идентитет.