Кавадарци го доградува колекторскиот систем – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/19 6:32 PM

Кавадарци го доградува колекторскиот систем

Долгогодишниот проблем кој ги мачи жителите на селата Марена и Глишиќ со неподносливата миризба која се шири од реката Луда Мара, поради тоа што овде завршува колекторскиот систем од Кавадарци се решава. Деновиве интензивно се работи на доизградба на колекторскиот систем со што ќе бидат собрани отпадните води.

Со сегашната активност ќе се заокружи целокупниот колектор кој е во должина од над 4 километри велат од локалната самоуправа Кавадарци.

„Лани завршивме 300 метри. 800 илјади денари беа доделени од МЖСПП и 1.760.000 денари од општина Кавадарци. Годинава од Министерството ни се доделени 5 милиони денари и општина Кавадарци и ма одвоено 10, 5 милиони денари. Со тоа колекторскиот систем ќе биде во целост завршен до местото кое е предвидено за пречистителна станица. Со тоа може да кажеме дека сите жители на општина Кавадарци ќе бидат на некој начин ослободени од проблемот со миризба“ вели градоначалникот Митко Јанчев.

Тој најави дека во втора фаза ќе биде изградбата на пречистителна станица. Паралелно во Кавадарци се работи и на реконструкција на фекалната и атмосферска канализација на повеќе локации.

Ангел Данов