Кљусев, Троицки, Крстевска и касарната „Јане Сандански“ добитници на орден и признанија „Свети Никола“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/19 12:34 PM

Кљусев, Троицки, Крстевска и касарната „Јане Сандански“ добитници на орден и признанија „Свети Никола“

На првиот претседател на Владата во самостојстојна Македонија, Никола Кљусев, Општината Штип постхумно му го доделува орденот Свети Никола, во чест на патронот на градот. Признанието Свети Никола годинава се доделува на касарната „Jане Сандански“, основоположниот на фестивалот на забавна музика „Макефест“ Стојан Троицки и социјалниот работник Лилјана Крстевска, која ја и предводи граѓанската организација „Порака“ во Штип.

Одлуката  ја соопшти градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.

– Никола Кљусев беше првиот премиер во првата експертска Влада по осамостојувањето од 1991 до 1992 година. Нашите сограѓани се гордеат со тоа. Впрочем, тоа покажува дека штипјани од две страни го сочинувале државотворниот капацитет на нашата држава. Штип го дал и првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, како и првиот премиер на експертската Влада, Никола Кљусев. Тоа се факти коишто сите треба заеднички да ги уважуваме, а со тоа да го промовираме и нашиот град, како колепка на државата, рече Бочварски.

Кљусев во родниот Штип го завршил основното и средно образование, а учествувал и во Антифашистичкиот отпор на партизанските единици. По завршувањето на Економскиот факултет во Белград, а потоа и добивање на звањето доктор на науки, Кљусев работи во неколку институции, а бил и член на МАНУ. Како врвен економист Никола Кљусев станал член на економскиот совет на СФРЈ и на економскиот совет на Социјалистичка Република Македонија, а работел и на низа на научни проекти.