Ердоган: Ако САД се одлучат на санкции, базата Инџирлик може да биде затворена за нив – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/19 7:44 AM

Ердоган: Ако САД се одлучат на санкции, базата Инџирлик може да биде затворена за нив

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, вчера потврди дека Анкара може да ја затвори воздухопловната база Инџирлик за САД, доколку Вашингтон реши да воведе санкции против Турција.

„Ние имаме право на носење одлука за затворање за нив на базата Инџирлик. Доколку тоа биде неопходно да се направи, ќе ги затвориме и Инџирлик и Куреџик“, изјави Ердоган во програмата на телевизијата „Хабер“.

Во воената база Куреџик се распоредени елементи на европскиот систем за противракетна одбрана.

Ова не е првпат во Турција да се зборува за затворање на Инџирлик за американската војска. Вообичаено ваквата реторика на Анкара следува по закани од Вашингтон, но досега не се преземени конкретни чекори во таа насока.

Во американскиот Конгрес во текот на формирањето на одбранбениот буџет за фискалната 2020 година, беше постигната согласност меѓу демократите и републиканците во ставот дека набавката од страна на Анкара на системите „С-400“ потпаѓа под одредбите од законот „За борба против руското влијание во Европа и Евроазија“, кој предвидува санкции против некои земји од страна на американскиот претседател.