„Игрите на среќа цветаат во сиромашните земји. Еден е Лас Вегас во САД, во Македонија секој град е Лас Вегас. Само во Тетово има триесетина казина, за Гевгелија и да не зборувам… Од Албанија и од Косово, по затворањето таму, сега бизнисот се сели во Македонија“.
Ова го истакна Џемаил Абдиу од „Антикоцкање“ во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“ посветена на коцкањето како задоволство, забава, а за многумина и зависност. Гости во студиото, освен Абдиу, беа и докторката Павлина Васкова, Васко Илиевски од АСОМ и Вики Чадиковска од Државна видеолотарија, а телефонски се вклучија и повеќемина слушатели.
– Јас никогаш не сум влегол во казино, но син ми ме изгоре. На автомати загуби повеќе од 40.000 евра. Уште отплаќам кредити поради тоа – рече еден од слушателите.
Џемаил Абдиу, кој е и педагог во воспитно-поправна установа, истакна дека знае и уште позастрашувачки примери.
– Има што губат и по повеќе од 100.000 евра, други загубија куќи, станови, а трети завршуваат трагично. Пријател на мој пријател од Кочани се самоуби. Требаше овде да имаме луѓе од Министерството за финансии. Тоа ги издава дозволите за работа. Законите мора да се почитуваат, но и мора да се дислоцираат казината, обложувачниците. Премиерот Заев пред шест месеци рече дека нема да има отворање на нови такви објекти. Но, што се случи – поплава од нив во сите градови. Чекаме да ни’ даде одговор и господинот Бујар Османи дали на 136. седница дал одобрение за отворање нов синџир од 25 обложувачници во Македонија – рече Абдиу.
Васкова истакна дека најраширени зависности кај младите се тие од цигари, па од алкохол, а потоа и од дроги, како зависност од хемиски средства, а од останатите – водечки зависности биле тие од видеоигри, лаптопи и мобилни телефони, како и од игри на среќа, зависност, која, според новата класификација, се третирала и како болест. Чадиковска рече дека тие на повеќе начини водат сметка за играчите за игрите да не им се претворат од забава во зависност, а нагласи и оти Државна видеолотарија, освен средствата на кои законски е обрзана, доброволно издвојувала средства и за хуманитарни акции, за опремување училиштни кабинети, за спортисти…
Во емисијата телефонски се вклучи и пратеникот Џемаил Исмаили, кој со свој колега поведе иницијатива за дислокација на објектите за игри на среќа на најмалку 500 метри оддалеченост од образовни и едукативни установи. Рече дека уште не можеле да обебедат 61 пратеник за изгласување на таков закон, а имало предлози казина да може да има само надвор од населени места.
Васко Илиевски од АСОМ смета дека секаква дислокација ќе значи затворање на објектите за игри на среќа, кои во моментот директно вработувале 7.700 луѓе.
– Системот на игри на среќа кај нас е добро развиен благодарение и на добрата регулација со Законот за игри на среќа и забавни игри, за кој се користени европски и светски искуства. Тој сектор прави и голем обрт, па кај нас е петта индустрија, по банкарството, осигурувањето, градежништвото и земјоделството и трговијата. Но, треба да има поголем надзор над приредувачите, на пример со формирање посебна агенција – рече Александар Климовски, професор на Правниот факултет во Скопје, кој телефонски учествуваше во денешниот „Стадион“.