Отфрлена кривичната пријава против претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/19 5:38 PM

Отфрлена кривичната пријава против претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци

Кривичната пријава која пред два месеци беше поднесена од кавадаречката полиција против претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, Зоран Јованчев, за кражба на вода е отфрлена од обвинителството. Јованчев денеска на прес конференција рече дека пријавата била за негова дискредитација и побара извинување од кавадаречките социјалдемократи, за како што рече, изнесените лаги против него на прес конференција.

„Да обвините човек дека крадел, а потоа обвинителството да ви ја отфрли пријавата, треба сите да се замислите, дали воопшто треба да се појавувате во јавниот живот на градот. Овој монтиран случај беше планиран подолг период, јас тоа го знаев од поодамна. Целта беше моја дискредитација. Уште кога бев избран за претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ постојано се бараше начин  како да ме оцрнат. Проверија се, од денот кога сум се родил па до денес. И откако не можеа да најдат ништо, координирано  преку инсталациите во полицијата побараа да ме девалвираат, со единствена цел, крај на мојата политичка кариера“ вели Јованчев и нагласи дека за овој монтиран случај, ќе ги информира Хелсиншкиот комитет за човекови права и сите амбасади. На тој начин со личен пример ќе докажел како власта вршела монтиран политички прогон  преку МВР.

Првиот човек на кавадаречкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ваквите конструирани случаи немало да го заплашат, туку го храбреле погласно да зборува за неспособноста на актуелната власт.

Во решението со кое се отфрла кривичната пријава против Јованчев се наведува дека водата која ја присвоил пријавениот,  била напуштена од ЈП Комуналец, бидејќи била отпадна вода со која се вршело разладување на турбините на мини хидро електричната централа и не била причинета материјална штета кон претпријатието. Бидејќи не биле содржани  битните елементи на пријавеното дело, ниту на друго кривично дело за кое гонењето е по службена должност, пријавата е отфрлена, напишала во решението јавната обвинителка  Весна Наумова-Анастасова од кавадаречкото обвинителство.

Од СДСМ Кавадарци своја реакција најавија за утрешниот ден.

Ангел Данов