Новогодишната бајка во дворот на Дедо Мраз во Кавадарци е подготвена – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/19 5:31 PM

Новогодишната бајка во дворот на Дедо Мраз во Кавадарци е подготвена

22 години со сопствени средства приредува радост за најмладите. Ѓорѓи Вареловски од Кавадарци е познатиот Дедо Мраз во чиј огромен двор пред Нова Година доаѓаат и млади и стари. Тој заедно со своето семејство подготовките за новогодишната магија ги почнува уште од средината на ноември. Во дворот се поставуваат илјадници новогодишни украси. Се подготвуваат новогодишни пакетчиња, за најмладите. Ги добиваат бесплатно. Ѓорѓи издвојува од сопствениот буџет, од својата плата што ја добива како мајстор, за подготовка на подароците. Вели, тоа го прави среќен него, но и целото семејство.

„Веќе 22 години се прави оваа новогодишна магија. Среќата кај нас, моето семејство е од голема поголема, радоста е огромна,  без разлика на трошоците.  Трошоците  се зголемуваат од година во година, а на тој начин се зголемува и бројот на дечиња. Јас не сум многу моќен,  но сепак,  гордоста на фамилијата, радоста и слогата не прави да бидеме среќни,  па ако треба ќе го дадеме и последниот денар. Помага по нешто и мојот брат Зоран. Лани имавме 1000 дечиња,. Оваа година очекуваме 1500,  а до година  во дворот на Дедо Мраз очекуваме и до 3500 деца. Лани околу 30 фамилии го најдоа мојот број и дојдоа од други градови. Сите прашуваа колку кошта, кога им кажав дека е без пари сите беа изненадени.  На децата им подаруваме пакетче, а на возрасните тиквешка ж`та,  да се знае дека Кавадарци е хуман град.“ раскажува за канал 77 овој хуман кавадарчанец кој нагласува дека за него и за неговото семејство најважна била радоста на другите.

Секоја година покрај за подароците, тој одвојува финансии и за нови украси, за како што вели,  да се збогатува магијата во дворот на Дедо Мраз.

Годинава првите гости ќе бидат дечиња од Грција, а официјално за децата од Кавадарци и од земјава,  дворецот ќе биде отворен од 21 декември. Сите заинтересирани можат да дојдат кај Дедо Мраз од 18 до 20 часот секој ден.

Вареловски нагласува дека новогодишните пакетчиња се делат бесплатно, но има и посетители кои оставаат по некој денар. Но и тие пари, овој хуман кавадарчанец не ги троши за себе.  На Бадник, кога  сите христијански семејства со радост се подготвуваат за  бадниковата вечера, кавадаречкиот Дедо Мраз,  посетува најсиромашни семејства за да им подари пакети со храна и средства за хигиена. Тој вели дека  е многу посреќен кога тоа што го има ќе го подели со некого кој нема.

Ангел Данов