Ансамблот на НУ Народен театар – Битола викендов премиерно ќе ја изведе комедијата „Аудиција” работена според текстот на рускиот драматург Александар Галин, а во режија на Благој Мицевски.
Според режисерот Мицевски во претставата се дава одговор на прашањето зошто луѓето остануваат во провинција, најчесто од семејни причини или работата на која се посветени.
-Овој театарски проект се подготвуваше неколку месеци, но се надевам дека тоа е претстава со подолг живот. Оваа претстава прв пат се игра на македонската театарска сцена, и тоа е дополнително задоволство од овој театарски проект, истакна режисерот Мицевски.
На прес – конференција во битолскиот клуб на уметниците, драматургот Оливера Павловиќ посочи дека пиесата „Аудиција” обезбедува жива комуникација меѓу актерите и публиката, и тоа е една од улогите на театарот што треба да ја одигра во ова време на голема одтуѓеност и живот во некаков виртуелен свет.
-„Аудиција” многу одговара на нашот ментален склоп и нашиот стил на живеење. Интерпретацијата на актерите во претставата е многу отворена и овозможува допир со гледачот. Во оваа комедија се крие една силна драма за нашите конфликти, за нашето недоразбирање со самите себе, за нашите желби но и можности. Приказната е едноставна и апсурдна до смеа или до солзи во зависност од тоа кој како гледа на човечките промашувања за да се разбере самиот себеси, нагласи Павловиќ.
Во претставата „Аудиција” ќе настапат актерите Јулијана Стефанова, Соња Михајлова, Александар Копања, Марија Стефановска, Соња Ошавкова, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Петар Горко и Васко Мавровски.
МИА