Владата денеска на седница го усвои Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година, кој ќе биде доставен на усвојување од страна на Собранието. Дополнетиот буџет, како што соопштија од владината прес служба, содржи 12 амандмани што ги прифати Владата, а кои се произлезени од расправата за буџетот во собраниските комисии.
Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од пет отсто во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.
Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации.
Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.
Во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.
Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.
Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.
Дополнетиот Предлог буџет за 2020 година треба да биде на пленарна седница наредната недела.
Владата денеска на предлог на Министерството за финансии, ја усвои ревидираната Фискална стратегија на Република Северна Македонија 2020-2022 година.
Ревидираната Фискалната стратегија е во согласност со Законот, стои во соопштението, се усвојува за период од три години и со неа се предлагаат насоките и целите на фискалната политика, основните макроекономски проекции и показатели, се утврдуваат износите за главните категории проценети приходи и одобрени средства за тој период, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.
Ревидирањето на Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2020-2022 година е во согласност со праксата на развиените земји и е неопходнo заради промените настанати во текот на 2019 година во однос на макроекономските и фискалните параметри.
МИА