Ахмети знаел дека целиот Закон за употреба на јазиците ќе биде испратен во Венецијанската комисија – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/19 11:25 AM

Ахмети знаел дека целиот Закон за употреба на јазиците ќе биде испратен во Венецијанската комисија

Лидерот на ДУИ Али Ахмети знаел дека Законот за употреба на јазиците во целост ќе биде испратен за Мислење во Венецијанската комисија и оти тоа било направено за да се намалат тензиите кај Македонците.

-Во моментите кога се преговарало и разговарало за јазикот, нашите меѓународни пријатели ни дадоа мислење, дека е добро законот да се испрати и во Венецијанската комисија, со цел да се намалат тензиите и предрасудите кај нашите македонските сограѓани“, изјави вчера Ахмети одговарајќи на новинарско прашање по отворање на читалница во Чаир.

Венецијанската комисија во мислење ги повикува властите на Северна Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Според соопштението, издадено по состанокот во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците, но оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои исто така и за другите јазици на заедниците.