Најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина треба да бидат кариерни дипломати – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/19 8:43 AM

Најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина треба да бидат кариерни дипломати

Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска на владина седница ќе ја достави кандидатурата на досегашниот советник на премиерот Зоран Заев за надворешна политика, Дане Талески за амбасадорската позиција во НАТО.

Како што брифираа од Владата завчера Талески е кандидатот кој ќе ја пополни оваа клучна позиција во момент кога земјата наскоро очекува да стане 30. Членка на НАТО, но сепак непополнети ќе останат повеќе амбасадорски позиции, од кои некои се стратешки за земјава како таа во Вашингтон.

Дваесет и седум амбасадорски места, со тоа во НАТО, за кое денеска треба да се одлучува на владина седница сè уште не се пополнети, а премиерот Зоран Заев кон крајот на октомври говорејќи од собраниската говорница и одговарајќи на пратеничко прашање рече дека  очекува дел од постапките за нови амбасадори да завршат во декември, а можеби и јануари и февруари.

Најмалку 80 проценти од амбасадорите согласно новиот закон ќе бидат дипломати од кариера

Република Северна Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.

САД, Русија, Кина, Холандија, Италија се дел од непополнетите важни дипломатски центри. Таму сега наместо амбасадори имаме вршители на должност, а во соседните земји амбасадори нема во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска. Во Грција сè уште не е испратен вршител на должноста.

Најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина ќе бидат дипломати од кариера, согласно новиот закон за надворешни работи, кој веќе е објавен на Енер.

-Од вкупниот број шефови на ДКП најмалку 80 отсто се именувани од редот на кариерните дипломати. При именување на шефовите на ДКП-а задолжително се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници и принципот на родова еднаквост, се наведува во членот 66 од предлогот.

За вонреден и ополномоштен амбасадор односно генерален конзул може да биде поставен односно именуван кариерен дипломат со дипломатско звање најмалку министер советник, кој има најмалку 15 години работно искуство во Министерството, од кои најмалку пет на раководно место и со најмалку два мандати работа во ДКП.

Шеф на ДКП, по исклучок, како некариерен дипломат може да биде и афирмирана личност која ги исполнува следниве услови: да е државјанин  на Република Северна Македонија, да не е државјанин на државата на приемот, да има завршено високо образование, да има најмалку 15 години работно искуство во областа на политиката, економијата, надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, културата или науката, од кои најмалку 4 години на раководно место, активно да владее еден, а пожелно и втор странски јазик од јазиците во службена употреба во ОН или од работните јазици во ЕУ.

Исто така треба да има соодветна здравствена и психофизичка способност, да има високи морални квалитети и личен интегритет, да не е осудуван за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку шест месеца, да има соодветен безбедносен сертификат или да се стекне со истиот до отпочнување на постапката за добивање на агреман и да помине три месеци на обука во Министерството во текот на подготовките пред заминување на должноста шеф на ДКП.

Дипломатите еднаш годишно ќе бидат оценувани за нивната работа

Денеска шефот на дипломатијата Димитров ќе го престави новиот Предлог-закон за надворешни работи, вклучително и предвидените новини со кои се обезбедува поголема професионализација и модернизација на дипломатската служба во вршењето на надворешните работи.

Законското решение меѓудругото предвидува и оценување на дипломатите, кое ќе се врши со цел да се добие реална слика за стручноста, квалитетот, ефикасноста и резултатите во извршувањето на работните задачи.

Оценувањето ќе се врши врз основа на податоците за резултатите од работата, работните и личните квалитети, имајќи ги предвид податоците за обуките, наградите, дисциплинските мерки и отсуствата во претходната година.

Предвидени се вертикално и хоризонтално оценување. Вертикално, дипломатот се оценува од страна на непосредниот раководител и  непосредено повисокиот раководител и од еден дипломат на пониско ниво од неговото.

Хоризонтално, дипломатот се оценува од страна на еден дипломат на негово ниво од матичната организациона единица и еден дипломат на негово ниво од директорат со кој оценуваниот најмногу соработувал во текот на годината.

Вертикалното и хоризонталното оценување се врши  врз основа на писмен извештај подготвен од оценуваниот и верификуван од претпоставениот, за сработеното во претходната година. Недоставувањето писмен извештај автоматски повлекува оценка „не задоволува”.

Нереалното, неточно или злонамерно оценување од страна на дипломатите е основ за поведување дисциплинска постапка за дисциплински престап. Целокупниот процес на оценување го разгледува и потврдува Колегиумот, со кој раководи министерот, а го сочинуваат заменик-министерот, државниот секретар, генералните директори и шефот на кабинетот на министерот. Во случај на евидентно спротивставени оценки, Колегиумот одлучува за крајната оценка.

Дипломатите ќе бидат оценувани со неколку оценки: се истакнува, задоволува, делумно задоволува и не задоволува. Оценувањето е тајно и се врши еднаш годишно, најдоцна до крајот на првото тромесечие од секоја календарска година и се однесува на претходната година.

Оценувачот ја доставува изготвената оценка до организационата единица за човекови ресурси која формира посебна датотека со рестриктивен пристап.

Оценките „се истакнува” и „задоволува” се земаат предвид при преминување во повисоко дипломатско звање, како и при упатување на работа во ДКП.

На дипломатот кој две години по ред има оценка „не задоволува” дипломатското звање му се намалува за едно непосредно пониско дипломатско звање, а оној кој три години по ред е така оценет или кој во последните пет години три пати бил оценет со „не задоволува” му престанува работниот однос во Министерството.

Целта е зголемување на кариерни и намалување на политичките дипломати

Шефот на дипломатијата неодамна на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика меѓу другото, говореше и за испразнетите амбасадорски позиции, но и за начините на нивно пополнување.

Нагласи дека последните десет амбасадори кои излегле по предлог на сегашното раководство на МНР во просек имаат повеќе од 22 години стаж, додека последните десет од претходното раководство имале стаж во просек помалку од три години.

– Тоа е еден еден спрема седум во однос на партизација или професионализација. Од последните десет на претходното раководство седум се целосно од надвор, односно имаат нула диполоматски стаж, рече Димитров.

Тој тогаш кажа дека со новиот закон за МНР ќе се направи обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера во прилог на вторите. Таму каде што ќе се испраќа политички кандидати, согласно новиот закон, појасни Димитров, ќе се воведат одредени услови за искуство, со цел да се оневозможи кој било да се праќа на амбасадорските позиции.

МИА