Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот на Собранието Талат Џафери вчера се сретнаа со адмиралот Џејмс Фого, командант на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол.
За средбата на својот фејсбук-профил информираше премиерот Заев, посочувајќи дека таа се одржала на носачот на авиони „Хари С. Труман”.
-Тоа беше можност одблиску да се доживеат импресивните воени способности на воено-поморските сили на САД, кои им служат на американските, но и на сите граѓани на земјите членки на НАТО-алијансата. Стануваме дел од најмоќната воено-безбедносна и политичка алијанса на светот и во историјата на човечката цивилизација, се вели во статусот на премиерот.
Тој додава дека Македонија припаѓа во најсилниот систем на колективна безбедност.
-Најсилните земји во светот се наши сојузници, а Северна Македонија е 30. полноправна земја членка на НАТО, вели премиерот во неговата објава.
За средбата на Фејсбук напиша и министерката за одбрана Шекеринска.
-Ден полн со адреналин. Слетавме на носачот на авиони „Хари С. Труман”. Заедно со премиерот Зоран Заев и шефот на парламентот Талат Џафери, таму имавме средба со адмирал Џејмс Фого, командант на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол. Тоа беше можност одблиску да се доживеат импресивните капацитети на воздушно поморските сили на САД и на НАТО. Стануваме 30. членка на Алијансата и веќе сме дел од семејството, напиша Шекеринска.
МИА