БиХ: Одложено затворањето на кампот „Вучјак“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/19 12:09 PM

БиХ: Одложено затворањето на кампот „Вучјак“

Преместувањето на мигрантите и бегалците од прифатниот центар „Вучјак“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина, откако центарот требаше да биде затворен, е одложено, потврдено е за Ал Џезира од Меѓународната организација за миграција (IOM).

Од меѓународната организација за мигранти додаваат дека засега не се знае кога би се случило преместувањето.

Во понеделникот требаше да почне процесот за преместување и затворање на кампот, како што најавија по минатонеделниот состанок министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ, и премиерот на Унско-санскиот кантон, Мустафа Ружниќ.

Мигрантите, според тогашните изјави од Мектиќ и Ружниќ, привремено требаше да се сместат во центрите „Ушивак“ и „Салаковац“, додека не се адаптира касарната „Блажуј“ близу Сараево, каде сите би биле преместени.

Од Меѓународната организација за миграција кажаа дека треба прво да се процени колку личности сакаат да бидат доброволно преместени во други прфатни центри и дека повеќе информации ќе имаат во следните два дена.

Репортерите од Ал Џезира, во неделата навечер, кажаа дека во „Вучјак“ ништо не укажува на тоа дека кампот ќе биде трансформиран и дека мигрантите ќе бидат преместени на други локации.

Репортерите јавија дека посведочиле и  доаѓања на автобуси со нови мигранти, а од црвениот крст кажаа дека тоа често се случува во последните денови.

Дел од мигрантите во кампот не се ни свесни дека кампот ќе биде затворен, додека другите велат дека ќе чекаат да помине зимата и на пролет ќе пробаат да ја поминат границата со Хрватска.

Според податоците на црвен крст повеќе од 600 мигранти се сместени во крајно лоши услови во кампот „Вучјак“, кој е од отворен тип и мигранти доаѓаат и си одат од него секојдневно.