Дописник на МИА од Белград: Двајца потешко и десет полесно повредени во сообраќајката на патот за Копаоник – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/19 2:15 PM

Дописник на МИА од Белград: Двајца потешко и десет полесно повредени во сообраќајката на патот за Копаоник

Две лица се тешко повредени, а десет полесно повредени во сообраќајната несреќа што се случи денеска на автопатот Прокупље-Блаце, кога околу 10 часот се преврте автобус од Северна Македонија, кој превезувал патници до Копаоник.

Како што јави допсникот на МИА од Белград, сообраќајната несреќа се има случено кај месноста Крива Ќуприја, меѓу Блаце и Белољина. Според првичните информации, автобусот бил на туристичката агенција Камелија од Скопје.

Според досегашните информации, две лица се тешко повредени и се пренесени во болницата во Прокупље.

Шест патници со полесни повреди, се згрижени во Здравствениот дом во Блаце, а останатите шест лица се пренесени во болницата во Прокупље на понатамошни испитувања и лечење.

-Екипата за Итни случаи на нашиот здравствен центар веднаш излезе на теренот, им помогна на повредените и во тек е нивно згрижување, потврдено е од Здравствениот дом во Блаце.

Засега не е позната причината за несреќата, а овој пат, на кој има чести сообраќајни несреќи, е во фаза на реконструкција од минатиот месец, со посебен режими на сообраќај во зависност од работите.