Најбогатите компании во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/19 9:02 PM

Најбогатите компании во Штип

Колкав бизнис потенцијал има Штип доволно говори фактот што во овој град лани осум компании имаат приходи поголеми од 10 милиони евра, а најголемата компанија е домашно поседувана, а не како што најчесто е случај најголемата фирма да биде една од странските гринфилд инвестиции Кумулативно осумте најголеми компании во Штип лани имаат комулативно приход од 190 милиони евра.

Најголемата штипска компанија лани (според остварени приходи) е КИТ ГО, ланец супермаркети претежно застапен во источните, јужните и централните региони во земјава кој оствари приход од 54,2 милиони евра. Добивката за лани изнесува 1,65 милиони евра.

Втора по големина лани е странската директна гринфилд инвестиција Адиент Сеатинг (поранешен Џонсон Контролс н.з.). Оваа фирма оперира во штипската слободна индустриска зона ТИРЗ и лани има приход од 30 милиони евра и профит од 1,5 милиони евра.

Актива е најголемата штипска компанија од металната индустрија и една од најбрзорастечките фирми во тој регион. Нејзините приходи лани изнесуваат 28,9 милиони евра, а остварениот профит изнесува 2,7 милиони евра.

Голема трговска компанија на која можат да и позавидат многумина во земјава е штипскиот дистрибутер на скопска „Пивара“. Компанијата која е во сопственост на штипјанецот Љупчо Манџуков „Еко Оаза Скопско“ лани остварила приход од 27,1 милиони евра и профит од 866.000 евра.

Следува текстилниот гигант „Техникал Текстајлс“ во сопственост на странскиот државјанин Јенс Бруно Вендланд. Оваа компанија лани имала приход од 13,9 милиони евра и профит од 2,8 милиони евра. Оваа компанија има најголем профит во апсолутен износ од сите рангирани компании.

Следува штипската трговска компанија „СЕТ Унион“ на локалниот бизнисмен Костадин Дрваров. Оваа фирма лани остварила приходи од 12,4 милиони евра и добивка од 150.000 евра.

Во најголемите фирми е и една од најголемите логистички фирми „Квенбергер Логистик“ странска компанија чиј сопственик е фирмата „Кухенбергер Источна Европа“ и нејзина примарна дејност е поддршка извозните и увозните операции на штипските текстилни компании. Нејзиниот приход лани е 10 милиони евра, а добивката изнесува 117.000 евра.

Дека и жените во Штип се успшени во бизнисот докажува и компанијата „Стел Импекс“ во сопственост на Ружа Јордева. Оваа трговска компанија лани има промет од 8,3 милиони евра, а остварила добивка од 687.000 евра.

Во големите штипски компании влегуваат транспортни и текстилните фирми. Од поголемите текстилни тука се ЕАМ со приход од 3,6 милиони евра и добивка од 573.500 евра, „Албатрос“ со 3,9 милиони евра приход и добивка од 78.000 евра и „Линеа“ со приход од 1,8 милиони евра. Од транспортните компании во групата најголеми се: „Балекс“ со приход од 3,5 милиони евра и добивка од 109.000 евра, „Змајпромет“ со приход од 3,25 милиони евра и профит од 380.000 евра и „Грдовјанка“ со приход од 2,4 милиони евра и добивка од 232.000 евра.

Според критериумот учество на профитот во приходот лани најуспешна штипска компанија е „Езимит вино“ иако по прометот е далеку зад најголемите фирми. Познатата штипска винарија лани остварила приход од 1,1 милиони евра, а профитот изнесува 50 отсто од приходот односно 550.000 евра.

 

(Фактор)