Новиот Предлог-закон за легализација на дивоградби во вторник на владина сеедница – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/19 8:56 PM

Новиот Предлог-закон за легализација на дивоградби во вторник на владина сеедница

Во вторник на седница на Влада ќе биде разгледан новиот Предлог-закон за легализација на дивоградби и се очекува да биде донесен во Собранието до крајот на годинава, соопшти министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Во интервју во емисијата „Топ тема” на ТВ Телма вечерва тој рече дека во новиот закон, кој Министерството за транспорт и врски го подготвило во соработка со ЗЕЛС, нема да биде опфатен Охридско-струшкиот регион и ќе се почитуваат препораките на УНЕСКО.

– Ние како ресорно министерство сме на став да не биде опфатен. По сите критики од УНЕСКО, не смееме да дозволиме во натамошниот период да се случуваат такви работи. Затоа, во тој дел Охридско-струичкиот регион ќе биде изземен. Цениме дека тука треба да бидеме во согласност со УНЕСКО и со Законот за управување со светското културно наследство, рече Сугарески.

Во новиот закон ќе бидат опфатни објектите кои бесправно биле изградени до 1 октомври 2019 и ќе важат истите услови како и досега, но, нагласи Сугарески, со голема и евидентна разлика затоа што легализацијата нема да биде 1 евро за квадрат, туку покрај 100-те проценти ќе се наплатуваат и дополнителни 50 отсто казна поради незаконското градење. Суштината е решавање на правниот статус за да не бидат урнати зашто, како што рече, тоа е дилема и трето нема.

Во однос на автопатот Кичево – Охрид очекува да биде завршен до рокот содржан во анекс-договорот, јуни 2021 година, а ќе се обидат, како што рече, со Јавното претпријатие за државни патишта 30 километри од тој автопат (Охрид – Врбјани) да бидат пуштени наредната година. Потоа и преостанатите 27 километри каде што, рече, беа клучните проблеми и пропусти во неусогласеност меѓу проектната документација со состојбата на терен.

-Тука зборуваме за немањето клучки, алтернативни патишта, огромен број експропријации, дислокации на електроенергетски објекти итн. Секој може сè да кажува, дека оставил во наследство проекти, но овде зборуваме за исклучително лоши работи. Тоа е една од клучните причини за падот на БДП тогаш, рече Сугарески во емисијата „Топ тема”.