Поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски, кој моментално му е советник на премиерот Зоран Заев и ја води партиската комисија на СДСМ за безбедност, купил стан од 140 квадратни метри во Скопје за над 160.000 евра.
Како е објавено во Службен весник (број 223), Верушевски и неговата сопруга подигнале кредит од Шпаркесе банка во износ од 165.500 евра, за што под хипотека бил ставен недвижен имот во рамки на комплекс во сопственост на Имморект Македонија во сопственост на бизнисменот Енвер Малиќи.
Според податоците од Катастарот на недвижности, Верушевски се јавува како носител на сопственост со имотен лист број 112853 на стан од 139 метри квадратни (плус 13) во комплекс кој се наоѓа на катастарска парцела со број 5106/2.
Всушност, станува збор за комплексот Парк Резиденс лоциран покрај реката Вардар, веднаш до Градскиот стадион, чија намена официјално не е станбено домување, туку е означена со Б5-1, која се однесува на хотелски комплекси.
Како главен инвеститор на овој објект се јавува токму Имморекс, која, според Централниот регистар, е формирана во 2004 година, чии сопственици се заменик-градоначалникот на Скопје Малиќи и германскиот државјанин Абдилгафар Рамадани.
Инаку, комплексот се состои од вкупно 126 апартмани, деловен простор, хотел на 5 ката и обезбеден паркинг, на вкупна изградена бруто површина од над 32 илјади квадратни метри.
(Фокус)