Република Северна Македонија нема да влезе во ветинг, ќе влезе во прочистување на правосудството, изјави денеска премиерот Зоран Заев. Некој, вели тој, може тоа да го кажува како ветинг.
– Ние сме во сосема различна состојба од Албанија затоа согласно постојните закони каде што надлежност има Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, каде што надлежност има Антикорупциската комисија, УЈП заедно со Централниот депозитар, со Катастарот може да ја направи проверката, која што еве во моментов се прави врз нас, врз министрите во Владата. За мене се прави комплетно проверка на имот, на лична финансиска состојба, на моето семејство, тоа се прави и на министрите и тоа е добро, тоа е здраво. И сега треба да се прави и на судиите и на обвинителите на еден транспарентен начин согласно законите, истакна Заев.
Премиерот уште еднаш денеска ја повика ЕК да се вклучи во големи случаи и да прави комплетен мониторинг.
-Официјално како претседател на Владата ја повикувам ЕК да го направи тоа заради тоа што тоа може да направи сериозен придонес во зајакнувањето на правната држава и владеењето на правото во државата, рече Заев.
Потсети дека во изминатиот период се исполнети многу ветувања, како членството во НАТО и датум за почеток на преговори со ЕУ со, како што кажа, со потврдени сто отсто завршени реформи.
-Економските перфоманси се одлични до државата. Гледате дека од сопствени пари се зголемуваат платите, се прават капиталните инвестиции, се поддржува стопанството. Изборите се потврдени на 12 април и ние ќе победиме заради резултатите. Но дотогаш треба да работиме. Тоа значи ако треба Парламентот да носи автентично толкување, тоа ја носи својата одлука и став и ја испраќа јасно пораката: членот 11 не постоел, рече премиерот, кој денеска беше во посета на Волково.