Милошоски: Власта една недела ја замајува јавноста со измислена тема за да ги прикрие неуспесите во економијата и корупцијата – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/19 8:25 AM

Милошоски: Власта една недела ја замајува јавноста со измислена тема за да ги прикрие неуспесите во економијата и корупцијата

Седум дена владата на аболицираниот Заев ја замајува јавноста со измислена тема што имаше за цел да ги покрие нивните неуспеси во економијата, во корупцијата, во правосудството, во животната средина, во здравството, а граѓаните да се занимаваат за нешто што било или не било пред три, пет или 25 години, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Миолошоски.

Смета дека за апсурдот да биде поголем, како што рече, оваа правна неписменост на Владата заврши со Комисија за законодавно-правни прашања, во која мнозинство имаа владејачката СДСМ и ДУИ кои донесоа заклучок дека нема потреба од автентично толкување на членот 11, бидејќи таков член, рече Милошоски, воопшто не постои.

– Зошто е ваквиот исход на СДСМ и нивните коалициони партнери, затоа што во последен момент станаа свесни дека опозицијата нема да се однесува на начин што ќе им овозможи тие да прават некакви изговори, и затоа што сфатија дека доколку Комисијата и Собранието донесат автентично мислење и толкување дека Членот 11 од Законот за помилување не постои, тој автоматски ќе мора да стане составен дел, односно да се избрише од Законот за помилување од 1993 година наваму. И тоа значи дека единствениот политичар корисник на Членот 11 од Законот за помилување, премиерот Заев, ќе немаше помилување и случајот „Глобал” од 2008 година ќе мораше повторно да се отвори, рече Милошоски.

Оцени дека Владата и парламентарното мнозинство немаат добра координација и со оваа Влада, како што рече, не само граѓаните туку и целиот политички систем живее во една правна несигурност.

– После ваквото фијаско и конфузија сметаме дека СДСМ и аболицираниот Заев е корисно да одговорат на прашањата кои не им се омилени – зошто Заев не прифаќа иницијатива да се донесе закон во кој аболицирани политичари нема да можат во иднина да се занимаваат со политика или со вршење јавна дејност. Зошто Заев избегнува да се измени Законот за помилување каде што било кој политичар ниту сега ниту во иднина нема да може да му се даде помилување. И зошто Зоран Заев не го прифаќа принципот на измени во Изборниот законик тој кој што ќе биде кандидат за мандатар на новата Влада, да не биде и кандидат за пратеник? Затоа што, тој што ќе победи ќе формира Влада, а оној кој што ќе изгуби нема да може да се крие зад пратеничкиот имунитет доколку носи било каква одговорност. Сметаме дека на овие прашања Заев треба да одговори, му остануваат уште триесет дена, порача Милошоски.

Смета дека следен чекор, според него, за да Уставниот суд избегне било каква политизација во поларизирана клима најдбро е да, како што рече, го искористи механизмот „amicus curiae” или „пријателска препорака”, што постои при Венецијанската комисија, каде уставните судии имаат право да побараат пријателско мислење за одредена тема.

На прашањето зошто ја поддржале, ако не се согласуваат со предлог-одлуката на Комисијата, рече дека не сакале со ниту еден потег да дадат каков било изговор на Заев за да тврди дека за денес за граѓаните се побитни настаните од пред три, четири или десет години.

– Најдобро е на оние кои создаваат вештачка тема и вакви замки за залажување на граѓаните да им дозволите да се фатат во замката кои сами ја поставиле. Оваа вештачка тема за постоечки или непостоечки член 11 на некаква желба на видливи или скриени сили за нечие помилување и отворање на теми стари по три, пет или десет години беше темата која што Владата на помилуваниот премиер Заев ја отвори за да ја покрие својата неспособност надевајќи се дека ВМРО ќе влезе во некаква процедурална битка, некого или нешто да штити или Заев некого од нешто да брани.