Избори за студентски собранија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/4/19 3:53 PM

Избори за студентски собранија на Универзитетот „Гоце Делчев“

Невообичаена раздвиженост на студентите околу гласачките места, можеше да се забележи денеска на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. По две години уписи без студентски парламент, студентите денеска со индекси и легитимации излегоа да го остварат своето избирачко право.
Очекувањата од новите студентски собранија се големи. Поголеми студентски права, организирање настани и активности и поголемо учество на студентите во донесувањето на одклуките, согласни беа студентите кои денеска излегоа да гласаат.

Очекуваат собранијата да се залагаат за студентите и да работат во корист на нивните потреби.
„Се надевам дека студентското собрание ќе се бори за правата на студентите, дека ќе се организираат повеќе активности како предавања од познати професори и стручни соработници. Се надевам дека ќе има и финансии за практикантска работа“, изјави по гласањето, Мирко Наџаков, студент на правниот факултет.

Изборите се значајни за студентите бидејќи за прв пат, преку нивни избрани кандидати, ќе учествуваат во телата на универзитетот и на тој начин ќе можат да бидат дел од донесувањето одлуки.
„Се надевам дека ќе работат на подобрување на културно-друштвениот живот, ќе работат повеќе на зближување со професорите, ќе организираат конференции и конгреси. Битно е што ќе им овозможат на студентите да учествуваат во донесување на одлуките поврзани со нив, во кои до сега не биле вклучени“, смета Елена Мечкароска, студент на медицина.

Изборните места беа отворени од 10:00 до 15:00 часот, а право на глас имаа сите активни студенти, со приложување на индекс или студентска легитимација.
На гласачките листови можеа да заокружат до десет кандидати.

Откако собранието ќе се конституира, членовите на конститутивна седница ќе изберат претседател и ќе именуваат по двајца членови за Универзитетското собрание, еден или двајца членови за наставно-научните совети на факултетите и еден член во Одброт за соработка и доверба на јавноста.Откако факултетските собранија ќе формираат Универзитетско собрание, тоа на конститутивна седница ќе избере претседател и ќе именува соодветни претставници во телата на Универзитетот.

Комисиите, создадени од професори и студенти, кои беа на избирачките места денеска, се задоволни од интересот на студентите.