Засадени 1.500 врби и тополи за ревитализација на речната вегетација на Брегалница – ММС
ММС

Објавено на: 12/4/19 3:31 PM

Засадени 1.500 врби и тополи за ревитализација на речната вегетација на Брегалница

Во рамки на акцијата за пошумување под мотото „Засади топола и врба и сочувај ги крајречните шуми долж реката Брегалница – 2019″ во организација на Македонско еколошко друштво и како дел од Програмата за зачувување на природата денеска близу штипското село Софилари беа зададени 1.500 нови садници со топола и врба.

Акцијата е дел од повеќегодишна проектна активност за ревитализирање на речниот вегетациски појас на река Брегалница и со цел превенција од поплави и ерозија. Пошумувањето се организираше во соработка со Општината Штип, Министерството за животна средина и просторно планирање и ЈП „Национални шуми”, додека садеа голем број на ученици, студенти и извидници од Скопје и Штип.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули истакна дека овие 1.500 садници ќе бидат засадени покрај реката за да може да се обезбеди екосистемската услуга а тоа се крајречните шуми.

– Овој екосистем обезбедува заштита на речниот брег од ерозија, заштита од поплави, прочистување на водата и зачувување на пределот. За да се осигура овој екосистем да биде во добра состојба, почнуваме со ревитализација и тоа е дел од националната Стратегија за биолошка разновидност и Стратегијата за заштита на природата кои беа усвоени од оваа влада на Република Северна Македонија, изјави Макадули.

Според градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски, особено е важно што повеќе институции и образовни установи се вклучија во оваа масовна акција за ревитализација на речната вегетација на река Брегалница.

– Не само декларативно, туку реално и суштински треба да се зафатиме со заштита на животната средина и затоа можам да упатам еден повик до граѓаните дека секој може да даде свој придонес и заради тоа и ги повикувам секој во својот домен и можности да дава придонес и да направи нешто за нашата животна средина, изјави Бочварски.

Пошумувањето е дел од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка.