Драматична ситуација во камп во БиХ: Мигрантите штрајкуваат со глад, се капат во снег – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/19 1:26 PM

Драматична ситуација во камп во БиХ: Мигрантите штрајкуваат со глад, се капат во снег

Од утрово во кампот „Вучјак“ кај Бихаќ владее драматична ситуација бидејќи мигрантите одбиваат вода и храна, во знак на протест поради нехуманите услови во кои живеат, а снегот придонесе за влошување на ситуацијата.

Снег, температури под минусот и кал е она што било забележано утрово на „Вучјак“, каде живеат близу 600 мигранти.

Под тежината на снегот, неколку шатори во кои живееле мигрантите се урнати, што значи дека некои од нив останаа без покрив над глава.
Храната била вратена веднаш штом стигнала, бидејќи мигрантите одлучиле да штрајкуваат со глад додека не им бидат овозможени достоинствени услови за живот.

Во посета на кампот дошла и комесарката за човекови права од Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, која порачала кампот веднаш да се затвори бидејќи условите се катастрофални.

Мигрантите велат дека се’ потешко им е да се справуваат со студеното време и ужасните животни услови и оти се загрижени за тоа како ќе ја преживеат зимата доколку набрзо не им биде овозможен адекватен животен простор, особено за жените и децата.

Министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ, во саботата изјави дека за дваесетина дена би требало да бидат создадени капацитети за прифаќање на првите мигранти, во касарната Блажуј близу Сараево. Исто така, кажа и дека има за цел да го затвори „дивиот камп Вучјак“.

Додека касарната се подготвува за прием на мигрантите, локалните жители истакнуваат дека живеат во страв поради доаѓањето на голем број мигранти, и сметаат дека на местото му се заканува еколошка катастрофа со оглед на тоа што канализацијата од касарната може да истекува во локалниот поток.