Мртвиот кит кој исплива на шкотска плажа, имал околу сто килограми ѓубре во својата внатрешност. Рибарски мрежи, јажиња, пластични кеси и чаши се само некои од предметите кои биле најдени во масата извадена од него.
Иако експертите не можат да потврдат дека остатоците од ѓубре довеле до неговата смрт, локалните жители кои го пронашле китот сметаат дека оваа случка е само потврда колку е голем проблемот со морското загадување.
„Беше енормно тажно, особено кога ги гледавме мрежите за ловење риба и останатите остатоци како беа извлекувани од неговиот стомак“, рече локален жител, кој вели дека секојдневно кога шета на плажата собира остатоци од ѓубре, најчесто поврзано со остатоци од рибарска опрема.
Членови на шкотската морска организација „SMASS“, која ја истражува смртта на китовите и делфините, го отворила китот со цел да се дознае причината за неговата смрт.
„Животното не беше во многу лоша општа здравствена состојба и иако е неминовен фактот дека големата количина на ѓубре е еден од факторите за смртта, ние, всушност, не можевме да најдеме доказ дека ѓубрето довело до затнување на цревата“, објавија тие на својот фејсбук профил.
Ѓубрето се верува дека најмногу потекнува од рибарската индустрија.
Статистичките податоци покажуваат дека е зголемен бројот на задушување на китови и делфини во Шкотска. Додека во 2014 имало 204 вакви случаи, бројката во 2018 достигнала повеќе од 930.