Бугарија не треба да ја пропушти историската можност да го штити воздушниот простор на Република Северна Македонија, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, пред заминувањето за Лондон каде учествува на Самитот на земјите членки на НАТО.
– Тоа не е само наш национален интерес, туку и долг кон братската Република Северна Македонија и израз на одговорност, нагласи Радев.
Тој истакна дека додека разговорите за заштитата на воздушниот простор на земјава биле одлагани од бугарска страна во очекување на „светлата иднина” кога Бугарија ќе има ескадрила нови авиони, Грција склучи договор за спроведување на таква мисија, пренесува БГНЕС.
Радев потсети дека изминатиов период беше постигнат договор за средба на министрите за одбрана и началниците на генералштабовите на Северна Македонија, Бугарија и Грција, посветена на вклучувањето на бугарското Воено воздухопловство во заштитата на воздушниот простор на земјава.
– Со денешните потенцијали можеме во целост да ја исполниме таа задача без никакви дополнителни трошоци, бидејќи може да се спроведе од базата Граф Игнатиево, додаде Радев.
МИА