Седумдесет години НАТО во Лондон – на Самитот и владина делегација предводена од премиерот Заев – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/19 7:47 AM

Седумдесет години НАТО во Лондон – на Самитот и владина делегација предводена од премиерот Заев

Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува денеска и утре на лондонскиот Самит, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата. Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади утре, на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што нашата земја ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата.

По состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Заев денеска, на првиот ден од Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера”, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата” (“NATO Engages: Innovating the Alliance”). Покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.

Заев и членовите на делегацијата на Владата за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.

Претседателот на Владата е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Скорешното полноправно членство во НАТО е реализација на стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година и овозможува идеални услови за зајакнат и забрзан економски развој.

Земјата ја дели само една ратификација (Шпанија) од полноправното членство, за десет месеци Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки. Во завршната декларација од Самитот предвидено е во посебен параграф да биде забележано дека земјата е добродојдена како 30. членка.

МИА