Солна киселина истекла синоќа од цистерна во околината на фабриката МЗТ во општина Гази Баба.
Инспекторите од Град Скопје веднаш реагирале и го пронашле сторителот.
За инцидентот информираше Инспекторатот на Град Скопје, на својата Фејсбук страна.
-По пријава од општински советник на општина Гази Баба за непријатен мирис во околина на фабрика МЗТ, дежурните екипи Инспекторат на град Скопје веднаш реагираа и го пронајдоа сторителот. Се работи за правен субјект што работи со прекурзори, на лице место е констатирано дека се работи за истекување на солна киселина од цистерна, веднаш се преземени итни мерки за спречување на понатамошно истекување, се нагласува во објавата.
Инспекторатот на Град Скопје додава дека правниот субјект не поседува елаборат за заштита на животната средина.
Направен е записник за натамошно постапување.
МИА