Истражители, експерти, стручна и административна служба можеле да бидат дел од Специјалното јавно обвинителство, а за тоа одлучувала специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Членот 2 став 3 од Законот за СЈО предвидува дека „Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите ги вклучува и јавните обвинители избрани во ова Обвинителство, но и истражители, експерти, стручна и административна служба.
На листата на истражители се најдоа и имињата на двајца вработени во МВР, Лазе Велковски и Примислав Димовски. Едниот поранешен шеф на БЈБ, а сегашен началник на Одделот за борба со организиран криминал во рамки на Министерството за внатрешни работи, другиот сегашен командант на Единицата за прв одговор „Алфа”.
Во период од последните четири години командантот на „Алфите” Примислав Димовски за ангажманот во СЈО зел околу 40 илјади евра. На платниот список на СЈО бил и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски кој за три години на име хонорар од СЈО заработил околу 33.000 евра.
Командантот на полициската единица „Алфи“, Димовски, пред неколку дена преку статус на социјалните мрежи јавно се огласи и рече дека е подготвен да го врати секој денар што не го заработил.
Член 9 став 8 од Законот за СЈО вели дека специјалниот јавен обвинител може да вработи стручни соработници, експерти, советници, истражители и административен персонал да работи во истражниот центар.
Одговор за тоа ангажманот на Димовски побаравме и од МВР од каде ни беше одговорено дека секој полициски службеник може да биде ангажиран и во Основното јавно обвинителство и во Специјалното обвинителство и дека тоа се прави само со писмена наредба на надлежен обвинител.
Законот за кривична постапка дозволува ваков ангажман и за тоа не треба дозвола од МВР, туку Обвинителството треба само да го извести.
„Обвинителството кое го ангажира полицискиот службеник ја доставува писмената наредба од обвинителот до МВР и на тој начин започнува ангажманот односно на тој начин е известено МВР”, стои во одговорот од МВР.
Од таму додаваат дека како што е регулирано во Законот за кривична постапка, не престанува исплаќањето на платата од МВР, затоа што вработениот и натаму извршува работни задачи за потребите на МВР, а обвинителството му исплаќа додатоци.
„Задачите на полицискиот службеник што е ангажиран од обвинителството се единствено во надлежност на обвинителството, кое, според закон, нема обврска за тоа да го известува МВР“, додаваат од таму.
Ангажманот во СЈО на Димовски му престанал со престанокот на постоењето на СЈО бидејќи Јанева била единствената која можела да стави потпис за престанување на ангажманот, а таа беше во притвор.
За разлика од него, ангажманот на Велковски му престанал по автоматизам во оној момент кога тој ја доби функцијата директор на Бирото за јавна безбедност.
За тоа какви се ангажмани имале во СЈО овие двајца истражители не се знае, бидејќи се работи и за постапки кои се во истрага, а и за дејствија кои се тајни.
За земените пари и двајцата истражители кои требаше да бидат ударна тупаница на СЈО и на Јанева, се под лупа на институциите.
Документите за земените пари се во ОЈО за гонење на организиран криминал, но постапка отвори и Државната комисија за спречување на корупција.
Институциите ќе треба да дадат одговор на тоа дали овие пари, и истражителите, и обвинителите, и сите оние кои земале додатоци се земени законски, дали е пречекорена законски предвидената сума, како и дали ќе треба да се вратат целосните суми или дел од парите.
мкд.мк