Стартува покачената минимална плата, ќе предизвика ли пораст и на другите плати – ММС
ММС

Објавено на: 12/1/19 11:27 AM

Стартува покачената минимална плата, ќе предизвика ли пораст и на другите плати

Ниту еден вработен во државава од овој месец нема да добива плата помала од 14.500 денари. Висината на минималната плата по неколкумесечно преговарање беше усогласена преку социјален дијалог со сите социјални партнери, во договор и со синдикатите и работодавачите. Од Владата очекуваат со ова да се зголеми стандардот на работниците, но и да се поттикне натамошно зголемување на платите, кои претходно биле исти или повисоки од сегашната минимална плата. Работодавачите, иако дел сметаат дека ќе им претставува дополнителен товар, се свесни дека пораст на платите мора да има со цел да се задржат работниците.

За зголемување на платата се очекува работодавачите да ги искористат и владините мерки за субвенционирање на придонесите за покачување на платите од 600 до 6.000 денари. Со мерката за субвенционирање на придонесите поради покачување на платите се очекува од 20 до 25 проценти од вработените во приватниот сектор да добијат поголеми плати. За оваа мерка во Буџетот за наредната година се планирани 2 милијарди и 400 милиони денари.

Сепак, по донесувањето на законското решение за минималната плата остануваат дилемите дали навистина ќе се поттикне натамошно зголемување на платите, дали работодавачите ќе имаат реална можност тоа да го направат и дали ова решение ќе значи намалување на исплатата на плата во плик, начин на кој работодавачите се обидуваа да го избегнат плаќањето давачки кон државата за повисоки плати.

Истражување на Фајнанс тинк: Во мај 2017 година, 69 отсто од примателите на минимална плата добиле и плата во плик

Од Институтот за економско истражување и политики Фајнанс тинк (Finance Think) сметаат дека нивото на минимална плата кое е конзистентно со тековната продуктивност во економијата се движи до 13.500 денари и оти до ваков наод дошле при изработката на студија за политиките од 2018 година „Анализа на ефектите од измените во Законот за минимална плата”, во која е извршена квантитативна симулација, како и квалитативна проценка врз основа на длабински интервјуа со засегнати работодавачи.

Предложеното зголемување на минималната плата на 14.500 денари, сметаат, може да претставува значаен товар за работодавецот кај 2/3 од примателите на минимална плата, додека кај 1/3 ќе помогне за формализација на платата во плик.


Сепак, додаваат од Институтот, порастот на минималната плата не треба да се гледа изолирано од другите потези на носителите на политиките. Поконкретно, Предлог-законот за субвенционирање на платите предвидува ослободување од придонеси за делот од порастот на нето-платите од 600 до 6.000 денари. Со овој Предлог-закон, во одреден дел, се таргетира сузбивањето на „платата во плик”.

Според податоците за платата во плик, во мај 2017 година, 69 отсто од примателите на минимална плата добиле и плата во плик. Но, значаен дел од платата во плик се претворил во плата на сметка со претходното зголемување на минималната плата од септември 2017 (од 10.080 денари, односно 9.590 денари во секторите кожа, обувки и облека, на унифицирано ниво од 12.000 денари). Со овој потег, уделот на приматели кои примаат минимална плата и кои истовремено добиле плата во плик се преполовил на 33,6 отсто.


Оттука, за 66,4 отсто од примателите на минимална плата кои во 2019 година не добиле и плата во плик, предложеното зголемување може да биде неодржливо за работодавецот за износот кој го надминува продуктивното ниво проценето на 13.500 денари.

Од друга страна, за примателите на минимална плата кои истовремено добиле и плата во плик, следните се износите на плата во плик што ги добиле:

Со оглед дека само 15 отсто од примателите на минималната плата добиле износ во плик кој е помал од предложеното зголемување на минималната плата (помал од 2.000 денари), тековното предложено зголемување нема да претставува товар за работодавците кои исплаќале и плата во плик и ќе претставува ефикасен механизам за формализирање на „платата во плик“. Фајнанс тинк препорачува предлогот за зголемување на минималната плата да се одмери уште еднаш наспроти овие податоци за состојбите во економијата. Фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и ефикасноста и технолошкиот напредок во компаниите што исплаќаат ниски плати е најсигурниот пат за раст на економијата и платите.

МИА