Операциите за пребарување и спасување по катастрофалниот земјотрес во Албанија завршија, рече денеска албанскиот премиер, а официјалниот број на загинатите е 50. Се верува дека во урнатините нема повеќе тела.
Еди Рама изјави дека 50 луѓе загинале, а околу 2.000 се повредени во земјотресот со јачина од 6,4 степени.
Рама рече дека прелиминарната истрага покажала дека околу 900 згради во Драч и повеќе од 1.465 во Тирана се сериозно оштетени. Повеќе од 1.000 луѓе се сместени во хотели во Драч.
„Уште 400 жители на Тумане и околината се згрижени во хотелите на брегот“, рече министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси.
Семејства и поединци, повеќе од 300, привремено се сместени во одморалиштето ФАФА, а обезбедени им се сместување, храна, лекови и здравствена заштита.
„Бевме сместени тука неколку часа по земјотресот. Нашата куќа целосно се сруши. Ни дадоа сè што ни требаше, храна и лекови“, изјави еден жител на Драч за агенцијата АТА.
Меѓу сместените во хотели има и луѓе што и самите се занимавале со туризам.
„Порано изнајмував апартмани на плажа, но сега зградата е целосно оштетена. Добив засолниште во овој луксузен хотел, под услови што претпоставувам дека малкумина можат да ги имаат во своите домови.“
мкд.мк