Извршителите – тема во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“: И за ситен долг се оди во „должничко ропство“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/30/19 2:04 PM

Извршителите – тема во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“: И за ситен долг се оди во „должничко ропство“

Извршителите, луѓето кои понекогаш и за ситни долгови завршуваат во „должничко ропство“, постоењето евентуални спреги меѓу извршителите, доверителите, банките, адвокатите, нотарите, беа тема на денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“.

Гости во студиото беа граѓанската активистка од „Човекот над профитот“ и „Стоп за извршителите“, Ана Глигорва, и пратеникот Самка Ибраимовски, телефонски се вклучи и претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов, а во емисијата беше емитувано и кратко интервју на Столе Наумов со заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.

Ана Глигорова истакна дека проблемот се појавил пред 13-14 години кога се појавиле приватните извршители.

– На почетокот луѓето не претпоставуваа дека настанува спрега, па илјадници доживеаја и доживуваат социјален дебакл. Се наплаќаат виртуелно напумпани долгови. Долгот често се наплатува десет, 20, 50 пати повисоко. Имаме случај за 1.000 да се заглави во долг од 70.000 денари. Има антидатирање, се пресметуваат астрономски камати многупати повисоки од долгот, а извршителите може и директно да ти блокираат сметка. Па, ако, на пример, имаш неплатен долг за струја од 50 евра, наместо да ти бидат симнати од сметка, неа ти ја блокираат, па потоа мора да плаќаш и за деблокада, па како и банката да ти станала доверител. Извршители блокираат сметки и на луѓе без егзистенција, како што направи еден скопски извршител со самохрана мајка што ја остави без плата – рече Глигорова.

Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски рече дека во последните десетина дена двапати се сретнал во Министерството со луѓе што имаат проблеми со извршителите, односно со извршувањето.

– Дел од нивните барања се однесуваат на работи што не се во надлежност на нашето министерство, како блокирањето и деблокирањето на сметките, односно наплатата од банките за тоа, па ги упативме на Министерството за финансии. Во нашиот ресор е каматата. Ако таа се таложела со години, тоа е најмногу поради преземените предмети од судовите кај извршителите. Но, и таму Министерството за правда во таквите случаи не може директно да помогне зашто и да донесе определени законски мерки во однос на каматите, тие не би важеле ретроактивно туку отсега, па понатаму. Се работи на тоа каматата да не може многукртатно да го надмине главниот долг. Во однос на отписот на камати, парламентот веќе донесе закон – рече Ристовски.

Пратеникот Самка Ибраимовски смета дека Министерството за правда треба повеќе да се вклучи во решавањето на проблемите зашто токму тоа им ги давало лиценците на доверителите, а нагласи и оти, како пратеник, презема мерки и дава предлози за законски измени.

Претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов, рече дека извршителите извршувале јавна служба, ги спроведувале судските одлуки и биле последната алка во тој синџир која доаѓа во директен оснос со граѓаните.

– Работиме според Законот за извршување и други законски акти, а имаме и наш кодекс според кој мора да има коректно човечно однесување кон сите граѓани што доаѓаат во нашите канцеларии – нагласи Димов.

На реакцијата на гостите во студиото дека тоа често не е така и оти, како што беше речено, досега против извршители биле поднесени повеќе од 600 кривични пријави, тој рече дека тоа е материја од кривичното право за кое било надлежно јавното обвинителство. Колку што имал информации, досега тие кривични пријави резултирале со неколку парични казни и неколкумина осудени извршители. Истакна и дека многу од тие обвинувања против извршители граѓаните и здруженијата ги изнесуваат во јавноста вербално и без доволно докази, па ги повика ако имаат конкретни забелешки да ја посетат нивната канцеларија.

Ана Гигорова, пак, го покани него на граѓански собир што секој вторник се одржувал во Министерството за правда за таму директно да ги слушне забелешките на револтираните граѓани.