Филозофско предавање на Стефан Новотни на фестивалот КРИК – ММС
ММС

Објавено на: 11/30/19 9:13 AM

Филозофско предавање на Стефан Новотни на фестивалот КРИК

 Предавање на тема „Едноставно, да се биде човек кој не прави ништо: за прашањето на психомоќта” ќе одржи вечерва во Чифте Амам, филозофот Стефан Новотни, во рамки на годинашното четврто издание на КРИК – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт.

Новотни на предавањето ќе го допре прашањето кое денес не може повеќе да биде ограничено на предодредените центри на моќ: прашањето кое се однесува на микрологичните операции на моќта на субјективноста или „психе” или пак, на прашањето како „физичкото” денес е претворено во главно место на општествена и политичка борба.

-Оваа промена повикува на разгледување на бројни меѓусекторски проблеми, како што се: постојано растечката претпоставка на субјективните капацитети, активни и пасивни, под капиталистичката валоризација, проширувањето на привилегираните сцени на појавување на физичкото, улогата на современите комуникациски технологии во градењето на поврзаност која не е нужно социјална, како и современи реконфигурации на „нормалното” и на „патолошкото”. Новотни ќе посочи на некои од овие проблематики – без да се изгуби од вид најважното прашање кое Музил го поставува: Која енергија е потребна денес за да „опстои светот”, најавуваат организаторите.

Стефан Новотни е филозоф, кој живее и работи во Лондон. Предава на катедрата за Визуелни култури и е член на Центарот за филозофија и критичка мисла на Универзитетот Голдсмитс, во Лондон. Пред да му се придружи на Универзитетот Голдсмитс, во 2011 година, бил соработник на Центарот за филозофија на правото на Универзитетот во Лувен / Лувен-ла-Нуев (2001–2003) и предавал на универзитетите во Германија (Линбург) и Австрија (Клагенфурт). Тој бил дел од повеќе транснационални проекти и соработки со визуелни како и уметници кои се занимаваат со перформанс. Има објавувано трудови во областа на филозофијата и политиката, бил коуредник на повеќе антологии, а бил и ко-автор на двата тома Instituierende Praxen. Bruchlinien der Institutionskritik (w / G. Raunig, 2008) и Übersetzung: Das Versprechen eines Begriffs (w / B. Buden, 2008).

Четвртото издание на Фестивалот КРИК, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините”,  ги спојува различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои критички ги истражува и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

МИА