Адвокатот Зоран Стојановски од Тетово е подносителот на иницијативата за оценување на членот 11-а од Законот за помилување од 2016 година. Стојановски иницијативата ја поднел пред три и пол години веднаш по амнестијата на поранешниот Претседател Ѓорѓе Иванов за 56 функционери и зачуден е зошто дури сега највисокиот суд донел одлука да ја разгледува.
„Немам одговор на ова прашање. Тоа го знае само Уставниот суд“, рече адвокатот Стојановски за ИРЛ.
Стојановски тврди дека симптоматично е тоа што до Уставниот суд во 2016 година поднел пет иницијативи за разгледување на уставноста. Тоа се: Одлуката за распуштање на Собранието, Законот за СЈО, Законот за одликувања и признанија. А, воедно поднел иницијатива за оценување на уставноста на одлуката за помилување донесена од Претседателот Ѓорѓе Иванов, а потоа и за одлуката за поништување на помилувањата. Но, на последната седница на судот во средата, судиите поведоа постапка само за членот 11 а од Законот за помилување кој овозможува претседателот на државата да повлече веќе донесена одлука за помилување.
Адвокатот Стојановски до ИРЛ ги достави сите иницијативи, а оспорениот член 11 а од Законот за помилување, го доставил до Уставниот суд заедно со Законот за одликувања и признанија. Во иницијативата до судот тој навел:
„Очигледно е дека законодавецот ги надминал уставните ограничувања за функциите и надлежностите на Претседателот на Република Македонија со донесување на Законот за дополнување на законот за помилување и Законот за одликувања и признанија и истите го загрозуваат владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и воопшто правната сигурност на граѓаните и се во спротивност со член 84 од Уставот на Република Македонија., пишува во иницијативата до Уставниот суд доставена во 2016 година.
Доколку се случи Уставниот суд да го поништи членот 11 – а, тоа ќе може директно да влијае врз актуелните обвиненија и истраги и предметите што ги почна СЈО врз основа на прислушуваните разговори.
Стојановски тврди дека немал политички мотиви кога ја поднел иницијативата, освен заложбата за владеење на правото и законитоста. На прашањето дали е адвокат на некој од помилуваните, тој одговори: „Не сум застапувал ниту еден од нив“.
„Јас сум по професија адвокат. Кога дадов заклетва како адвокат, дадов заклетва дека ќе го почитувам Уставот и законите. Мотивите и целите за поднесување на иницијативата не беа политички“, ни изјави Стојановски кој како адвокат почнува да работи во 2012 година.
Во април 2016 година тогашниот Претседател Ѓорѓе Иванов помилуваше 56 функционери. Под притисок на јавноста и меѓународната заедница во Собранието експресно се изгласаа измени на Законот за помилување и се вметна членот 11 а, со кој „Претседателот може во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување“.
Во средата шест уставни судии гласаа ЗА, а тројца ПРОТИВ на дневен ред да биде ставена иницијативата за оценувањето на одлуката на претседателот Иванов за повлекување на аболицијата. Пратениците Сашко Коцев и Диме Велковски од СДСМ до Собранието денес поднесоа барање за автентично толкување на Членот 11 а од Законот за помилување.
ирл.мк