Жените и девојките со попреченост немаат услови за инклузија во општественото живеење, тешко завршуваат образование, уште потешко наоѓаат вработување и немаат доволно можност за социјализација и оформување семејство. Ова го покажува истражувањето, кое произлезе од 14 месечниот проект „Кампања за родова рамноправност и родова инклузија на жени и девојки со попреченост“, на Здружението за лица со церебрална парализа од Велес.
Истражувањето беше насочено кон тоа да се види во какви услови живеат жените и девојките со попреченост, какви се општествените услови и што треба да се направи за нивна поголема вклученост, а беше претставено денеска на третата конференција во Мултимедијалниот центар „Канал 77“ во Штип.
„Потребно е да се создаваат услови за тие повеќе да бидат вклучени во општественото живеење. Како главни поенти кои ги добивме е дека конечно треба целосно да се имплементира конвенцијата за правата на лицата со попреченост и доколку би успеале да го направиме тоа тогаш би го олесниле пристапот на лицата со попреченост, вклучувајќи ги девојките и жените“, вели Далиборка Златева, претседател на здружението на лица со церебрална парализа од Велес.
Златева смета дека ни е потребно многу работа за да ги срушиме стигмите во општеството. Потребни ни се и реформи и адаптација на законот за социјална заштита, законот за здравствена заштита и законот за еднакви можности. И секако, јавна едукација во однос на лицата со попреченост и нивните потреби.
Лицата со попреченост и нивните семејства денеска гласно зборуваа за тоа колку општеството не е прилагодено за оваа популација.
„Жените и девојките не можат да го формализираат своето образование. Потешко им е да најдат вработување а тоа да биде адаптирано според нивните потреби. Многу малку излегуваат во јавност и скоро секогаш се затворени во четири ѕида. Здравствените ординации не се прилагодени за нивните потреби и треба доедукација на здравствениот и образовниот кадар за да можат подобро да работат со овие лица“, изјави Златева, која вели дека е крајно време да сфатиме дека жените и девојките со попреченост се нормални како и сите други и треба да имаат еднакви можности.
На третата конференција денеска беше промовиран и документарен филм во кој девојчиња и момчиња со попреченост зборуваат за нивните животи и потреби, но и за тоа колку се силни и храбри и за тоа дека доколку им се создадат услови во општеството можат да бидат рамноправни граѓани.