Макрон не жали што му детектираше „мозочна смрт“ на НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/19 7:38 AM

Макрон не жали што му детектираше „мозочна смрт“ на НАТО

Острите оцени во пресрет на самитот на НАТО на 3 и 4 декември во Лондон, предизвикаа силни реакции од европските сојузници кои веруваат дека на Европа и’ е потребна воената Алијанса за сопствената безбедност. Но, францускиот претседател вели дека нема намера да се извинува за изјавите, кои, според него, биле потребни откако сојузниците биле премногу фокусирани на буџетски наместо на геополитички прашања, пренесува „Дојче веле“.
„Дилемите кои ги отворив се отворени прашања, кои не сме ги решиле“, изјави вчера Макрон на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Мирот во Европа, состојбата со договорот за нуклеарно разоружување, односите со Русија, проблемот со Руција, кој ни е непријателот? Затоа велам? Се’ додека овие прашања не се одговорени, да не преговараме за поделба на трошоците и буџетот, или за нешто трето“.

„Можеби ни беше потребен еден повик за будење. Драго ми е дека тој дојде, и мило ми е дека сега сите мислат оти треба да се посветиме на стратешките цели“, рече Макрон.

Столтенберг признава дека меѓу сојузниците постојат несогласувања, но повика на засилување на Алијансата.

„Не е тајна дека постојат разлики меѓу сојузниците. Но силата на НАТО е во тоа што и порано сме имале разлики и секогаш сме успевале да ги надминеме“.

Макрон веќе предизвика реакции со ставот дека треба да се работи на надминување на разликите и приближување кон Русија, но вчера повтори слични оценки.

„Кој е нашиот заеднички непријател? Ова прашање мора да се расчисти. Некои велат дека тоа е Русија. Дали е Кина? Дали целта на атлантскиот сојуз е да бара непријатели? Не мислам така. Мислам дека нашиот заеднички непријател е тероризмот кој ги погаѓа сите земји“, рече Макрон.