Започнува чистење на дивите депонии во Росоман – ММС
ММС

Објавено на: 11/28/19 7:01 PM

Започнува чистење на дивите депонии во Росоман

Десет диви депонии во населените места на општина Росоман од денеска почнаа да се расчистуваат.    Според планот за чистење, во оваа општина  се опфатени по две диви  депонии во  Росоман и населените места Трстеник и Сирково, по една во селата Дебриште, Манастирец, Паликура, Камен дол.

Градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев информира дека со акцијата ќе биде опфатен отпад од  над илјада и триста кубни метри.

“Сметот ќе биде депониран на постоечката депонија на која извршивме припрема и обезбедивме одличен пристап. Една од целите е и зголемување на свеста за заштита на животната средина,  да не се исфрла отпад на диви депонии, вели Јанев.

Општина Росоман денеска ја посети раководителот на секторот за управување со отпад при Министерствто за животна средина и просторно планирање, Ана Каранфилова-Мазневска која истакна дека во државата се регистрирани повеќе од илјада депонии. За секоја општина била изработена карта и веќе биле идентификувани дивите депонии за кои се знаело со каков ризик се.

„ Повеќе од илјада диви депонии беа регистрирани  во државата, а некои од нив се и од пред 1960 година, од 1954 година. Диви  депонии се викаат, тоа се всушност ѓубришта. Затоа што и депониите кои се користат од страна на комуналните претпријатија, општините, се нестандардни и не се такви какви што би требало да бидат. Нив ги викаме депонии или нестандардни депонии, а малите или поголеми ѓубришта ги нарекуваме диви депонии“ вели Каранфилова-Мазневска .

Таа појасни дека малите депонии , ќе се чистат со собирање на отпадот, израмнување на површината и одбележување, со цел таму да не се фрла повторно отпад, туку на соодветни места одредени од комуналните претпријатија, за да може отпадот да се транспортира до депонијата што официјално се користи од општината.

Голем дел од отпадот, во старите диви депонии, бидејќи е органски, бил деградиран – посочи Мазневска.

„Но има и голем дел од тој отпад, кој не се распаѓа по природен пат. За да се распадне одреден отпад, понекогаш се потребни 50, понекогаш 200 години, зависно од материјалот.  Согласно со закон, во принцип, на една стандардна депонија, отпадот треба претходно да биде третиран, па да биде депониран“ вели претставникот на МЖСПП  и нагласи дека создавањето на ѓубрето е врзано со стандардот на населението. Скопскиот плански регион создава најголеми количини на ѓубре, има и најголем број на жители. Источниот, североисточниот  дел на државата, создаваат помалку ѓубре во просек, споредено со останатите региони во државата.

 

Ангел Данов