Кавги во неготинскиот совет – граѓаните се против депонија за индустриски отпад – ММС
ММС

Објавено на: 11/28/19 10:29 AM

Кавги во неготинскиот совет – граѓаните се против депонија за индустриски отпад

Жителите на Неготино се противат на евентуалната изградба на депонија за индустриски отпад на Криволак. Тие сметаат дека доколку општината го дозволи тоа,  ќе се наруши нивното здравје. На јавната расправа за студијата за оцена на влијанијето  врз животната средина,   повеќе екологисти го кажаа своето негативно мислење.

Против депонија се и советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општината. Тие побараа на вонредна седница советот да стави повлекување на одлуката за изградба на депонија за индустриски инертен и неопасен отпад.  Но, нивниот предлог не беше прифатен, по што советничката група обвини дека на градоначалникот и на советниците од СДСМ поважни им биле партиските вработувања, отколку загрозувањето на еко системот и здравјето на граѓаните.

„Сакаме да ја прашаме администрацијата на чело со градоначалникот, како е можно на веб страницата на општината да се објави информација за одржување на јавна расправа на 26 ноември годинава, каде е најавен и инвеститорот, а во огласот за продажба на граежното земјиште  објавен на страната на Министерството за транспорт и врски да стои дека  јавното наддавање за продажба на земјиштето,  е закажано  за 29 ноември. Како е можно да се знае инвеститорот пред да биде продадено градежното земјиште?!“ алармираа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и нагласија дека ќе поддржат секаква граѓанска иницијатива поднесена до Советот за спречување на изградба на депонијата.

Претседателот на Советот на општина Неготино, Диме Витанов, пак, ги обвини советниците од опозицијата дека биле неконструктивни и го попречувале работењето на Советот. Обвини дека не гласале за значајни одлуки со кои, како што кажа,  се обезбедуваат работни места за воспитувачки и негователки во детската градинка.

„Советничката група на ВМРО-ДП;НЕ и коалицијата на најдрзок недоличен начин и на ниво кое што е под сите можни нивоа на еден совет,  се обидоа да ја попречат седницата. Со вклучување на микрофоните кога не им е даден збор, со тропање по клупите се обидоа да ја попречат седницата. Се покажа дека работат за лични и партиски и интереси, а не за интересите на граѓаните. Ве информирам сите сограѓани, дека согласно сите закони и деловникот за работа вонредна седница по нивното барање ќе има“, рече Витанов.

Додека советниците се надмудруваат, дел од граѓаните сметаат дека не биле доволно информирани за проектот со кој  е предвидено да се гради депонија за индустриски отпад. Присутните на јавната расправа посочија дека за вакви прашања е потребно граѓаните да се изјаснат на референдум, бидејќи, според нив, ако се изгради планираната депонија,  во опасност би биле подземните води, а со тоа и водата за пиење на армискиот полигон Криволак и селата Криволак, Пепелиште, но и половина Неготино.

Претседателот на здружението на граѓани „Ековита“ од Неготино, Сашко Тодоров, смета дека е сосема погрешно да се дозволи изградба на депонија во единственото заштитено подрачје во нивниот град, Орлово Брдо. Според него со депонијата би се предизвикала катастрофа во Вардарскиот крај.

„Се сомневаме, бидејќи според нашите сознанија, се работи за нова фирма со сомнително потекло и не сме начисто за нејзините намери. Не би било во ред вакво нешто на мала врата да се протурка во регионот“ вели претседателот на „Еко живот“ од Кавадарци, Роберто Паризов.

Претставникот од Министерството за животна средина и просторно планирање, Александар Петковски посочи дека целиот процес ќе бил безбеден, контролиран и транспарентен. Веќе позитивни мислења за проектот дале повеќе институции, Министерствата за одбрана, за транспорт и врски, за култура, за економија и за финансии.

Согласно проекот, планирана е изградба на депонија за современо депонирање на индустриски неопасен отпад со претходно искористување и третман на корисните фракции. Од тој третман ќе се добиваат рециклабилни материјали  што понатаму ќе се продаваат на рециклаторни компании што вршат рециклирање на стакло, метал, пластика и картон.

На јавната расправа, на граѓаните кои реагираа им беше појаснето дека животната средина ќе имала најголем бенефит од изградбата на ваков вид инсталација, со која ќе имало контролирано управување со отпадот, а ќе се развиел и секторот за рециклирање во државата.