Симулациска вежба во Берово за тестирање на системот за справување со африканска чума – ММС
ММС

Објавено на: 11/27/19 8:09 AM

Симулациска вежба во Берово за тестирање на системот за справување со африканска чума

Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со ФАО денеска и утре во Берово ќе одржи симулациска вежба за тестирање на системот на подготвеност за справување со африканска свинска чума, болест што не е присутна во земјава.

Вежбата е во рамките на проектот „Африканска чума кај свињите – подготвеност и брзо постапување”.

Практичниот дел од симулациската вежба, како што информира АХВ, ќе се реализира на индивидуална фарма во беровското село Русиново, на комерцијална фарма во Умлена, село во соседната општина Пехчево, и во ловиште, а теоретскиот дел во Берово, каде што ќе се тестира координираноста на институциите и протокот на информации во врска со болеста. Целта е проверка на функционалноста на Планот за итни мерки за справување со африканската свинска чума, со цел обезбедување висок степен на заштита при евентуална нејзина појава и спречување нејзино ширење.

Учесници на вежбата ќе бидат официјалните ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство, стручни лица од ФАО, претставници од Факултетот за ветеринарна медицина и од ветеринарните друштва со кои Агенцијата има склучено договори за спроведување активности за здравствена заштита на животните од јавен интерес.

МИА