Фокус: Функционери од ВМРО и СДСМ имаат бугарски пасоши, некои гласаа против Договорот за добрососедство! – ММС
ММС

Објавено на: 11/25/19 10:15 AM

Фокус: Функционери од ВМРО и СДСМ имаат бугарски пасоши, некои гласаа против Договорот за добрососедство!

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој и припаѓа на владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, најави дека ќе испрати ново барање до бугарскиот парламент со цел бугарските власти да ги објават имињата на сите македонски политичари, новинари, професори кои имаат бугарски пасоши, но, како што вели тој, се дел од антибугарската пропаганда.

Како што вели тој, во моментов има повеќе од 150.000 граѓани на Република Северна Македонија кои имаат бугарско државјанство или се во процес на добивање на такво државјанство, меѓу кои, според него, има поранешни и сегашни високи државни функционери, како и членови на раководства на двете најголеми политички партии. Дури, како што вели, некое од нив гласале против Договорот за пријателство со Бугарија.

„Всушност, сите овие луѓе се изјасниле дека се чувствуваат етнички Бугари и дека нивните родители и прабаби и дедовци се исто така етнички Бугари. Меѓу нашите сонародници има и многу поранешни и сегашни политичари, поранешни премиери, поранешни и актуелни министри, градоначалници, пратеници од претходните и сегашниот состав на Собранието (некои од нив гласаа против Договорот за пријателство со Бугарија), членови на раководството на двете најголеми партии, дипломати, бизнисмени, водечки новинари, универзитетски професори, нивните семејства… Далеку сум од илузијата дека сите овие луѓе се искрени во искажувањето на својата бугарска припадност. Некои од нив дури и се и лидери на групите кои шират омраза кон Бугарија. Колку и да ми е чудна оваа шизофренија, таа е факт“, напиша Ковачев на фејсбук.

Тој ги повикува бугарските институции јавно да ги обелоденат имињата на сите кои стекнале бугарско државјанство и истовремено се активни во ширењето на омразата против Бугарија во своите партии и организации и, како што вели, целосно се посветени на активности против бугарската историја и националниот идентитет.

Бугарскиот европратеник потсетува дека во март годинава веќе испратил сличен предлог до бугарското национално Собрание и до Министерството за правда, но се уште нема одговор па затоа сега итно ќе го обнови барањето.

преземено-Фокус.мк