О.Карбинци: Решавање на проблемот со водоснабдувањето за 3200 жители и пониска цена на водата – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/19 4:27 PM

О.Карбинци: Решавање на проблемот со водоснабдувањето за 3200 жители и пониска цена на водата

Процесот започна. Со распишување на тендерот за изградба на Филтер станица за вода за пиење за Општина Карбинци, започна процесот со чие што закружување ќе се реши проблемот со водоснабдувањето на 3200 жители на општината а со тоа  и пониска цена на водата.

Со изградбата на овој капитален објект селата кои се под општина Карбинци трајно го решаваат проблемот со водоснабдување,  кои во моментов пијат вода од локални бунари, таа е првата општина која ги користи средствата од Владата за ставање во целосна функција на најсовремениот систем за водоснабдување „Злетовица”.

,,Во овој момент со сирова вода од Х.С „Злетовица” се снабдуваат само две општини, а тоа се Пробиштип и Свети Николе. Но, наскоро ќе се приклучи и општината Карбинци, бидејќи е прва општина која ја заврши постапката за комплетна техничка документација и затоа е и прва општина која ќе ги користи финансиските средства предвидени во Акцискиот план за изградба на Филтер станицата со капацитет од 30 до 40 литри во секунда“,изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски по посетата на општината.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев истакна дека изградбата на Филтер станицата, но и пристапни патишта и цевководи до осумте населени места ќе чини 2,7 милиони евра.

,,Се надевам  дека до декември Министерството ќе успе да избере економски оператор што веднаш ќе ја стартува изградбата на Филтер станицата, по што изградбата треба да се заокружи во рок од една година. За општината Карбинци реализацијата на проектот значи обезбедување на вода и решавање на проблемот со водоснабдување за наредните сто години.“ додаде Насев

Со пуштањето на водата од ХС Злетовица ќе се намали и цената на водата за пиење Таа во моментов изнесува  24 денари и се очекува да се намали од 18 до 19 денари.

Средствата што ги издвои Владата за ставање во целосна функција на ХС „Злетовица” треба да ги искористат и Штип, Лозово и Свети Николе.

Министерот Димовски информираше дека во тек се преговори со Европската инвестициона банка за изградба на втората и трета фаза од ХС Злетовица.

-Со заемот ќе се обезбеди систем за наводнување на 4.100 хектари земјоделско земјиште и изградба на шест мини хидроцентрали. Техничката документација со грант од Европската инвестициона банка во износ од 1,5 милиони евра е веќе изготвена. Со обезбедување на средствата од банката во износ од 50 милиони евра, за реализација на втора и трета фаза целосно ќе се заокружи ХС Злетовица“, вели Димковски.