Северна Македонија постигна конкретни резултати во спроведувањето на реформите. Остварувањето на нејзините евроатлантски аспирации ќе придонесе за подобрување на економската состојба и ќе создаде услови за зголемување на интересите и инвестициите на странските компании, заклучија премиерот Зоран Заев и новоименуваниот амбасадор на Австрија во нашата земја, Георг Вуцас на денешната средба во Владата.
На средбата, како што соопшти владината Прес-служба, политичките односи меѓу двете земји биле оценети како исклучително позитивни и пријателски, а посебно била истакната економската соработка.
Двајцата соговорници констатирале дека Северна Македонија нема отворени прашања со соседите, со кои, како што беше оценето, заеднички придонесува за поголема безбедност, стабилност и сигурност во регионот.
Премиерот Заев изрази благодарност за континуираната австриска поддршка за процесот на проширување и напорите кои се прават за вклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
– Австрија е еден од најголемите наши поддржувачи во европските интеграции и наш врвен економски партнер, истакна Заев.
Премиерот Заев и амбасадорот Вуцас изразија задоволство од можноста за давање личен придонес во продолжувањето на традиционалното пријателство меѓу Северна Македонија и Австрија, како и за продолжување на австриската поддршка на патот за остварување на европската перспектива на нашата држава.