Во рамките на проектот „Транспарентност и отчетност во финансирањето на високото образование и науката во РСМ“, Независниот академски синдикат (НАкС) спроведе истражувањa со кои се детектираат постапката и критериумите за распределелба на средствата за финансирање на јавните универзитети и научни установи од Буџетот на РСМ и законските основи за уредување на платите на вработените во одделот високо образование и наука, како и анализа на висината на платите на вработените на шесте јавни универзитети и осумте јавни научни установи (самостојни институти кои сенадвор од составот на универзитетите).
Истражувањата покажаа декаво ниту еден од законите со кои се регулира финансирањето на високото образование и науката нема пропишани посебни постапки и критериуми, кои МОН би ги употребило во распределбата на средствата за јавните универзитети и научните установи. Во ситуација кога не е испочитувана законската обврска за формирање на Националниот совет за финансирање и развој, а кој е надлежен за изработка на мерилата и критериумите за финансирање, МОН се појавува како единствена институција којашто врши распределба на средствата. Во отсуство на познати и однапред дефинирани критериуми и постапка врз основа на која се врши оваа распределба, распределбата очигледно се врши произволно, а врз основа на чисто политички параметри и без можност за контрола. Ваквиот начин на распределба на средствата го поткопува и тежнее да го сруши од темел образовниот систем.
И во поглед на законската рамка за формирање на платите на вработените постои конфузија. Во пракса, јавните универзитети и нивните единици добиваат средства за плати според коефиценти кои ги утврдува МОН за секоја работна позиција. Сосема е нејасно што сѐ е содржано во средствата кои ги издвојува МОН ниту, се знае како се креираат коефициентите. Ниту, пак, е јасно зошто коефициентите не се множат со минималната плата која носи коефициент единица, за да се добијат платите на вработените. Во споредба со издвојувањата за платите на академскиот кадар во регионот, нашата држава издвојува два до три пати помали средства и како апсолутен износ на плати и како коефициент од просечната плата во државата. За тоа, колку нашата држава ги вреднува високото образование и науката говори податокот дека заосновна нето плата на редовен професор државата издвојува скоро 90 евра помалку отколку за плата на секретар со седиште во село или 75 евра помалку отколку за раководител на сектор од второ ниво.
Но, уште помалку е јасно како се определува порастот, односно покачувањата на платите. Имено, иако од 2010 до 2018 година државниот Буџет пораснал за 38%, платите на вработените во високото образование и науката не го следат ниту растот на Буџетот, ниту растот на платите во останатите јавни сектори. На пример, од 2011 до пред последното покачување во август 2019 година, платите се зголемени за само 3,8% (2014) наместо прикажаните 5%, т.е. трипати помал процент од процентот на покачување во целокупниот сектор образование, како и шест пати помал процент од процентот на покачување на платите во здравството.
Но, платите кои што овие вработените реално ги добиваат се формираат кумулативно: од средствата исплатени од основниот буџет на МОН и од средствата од самофинансирачките активности, т.е. сопствените средства на установите, добиени по основ на партиципации и школарини, применувачка дејност и др., а што е регулирано во правилниците на универзитетите и/или нивните единици. Ни во овие правилницине може да се најдат критериуми според кои се формираат коефициентите или бројот и вредноста на бодовите, па ваквата пракса доведува до големи разлики во висината на платите за работни места со еднакво образование, обем и сложеност на работана различните универзитети и јавни установи. На пример, на ниво на универзитети највисоки се платите на ДУТ и на УГД Штип, а притоа, просечната плата на доцентите на ДУТ е повисока од просечната плата на редовните професори на УКИМ.
Уште поголема нееднаквост постои меѓу платите на вработените меѓу различните единици на УКИМ и УКЛО. На оние единици, кои поради природата на студиските програми можат да остварат скромни дополнителни средства, вработените примаат плата во висината која е определена од МОН без додаток за стаж (кој, иако е законска обврска, не се исплаќа од основниот буџет на МОН). Оттаму, на УКИМ, на пример, 102 редовни професори или дури 16% од вкупниот број редовни професори примаат нето плати пониски од 38.000 денари – износ кој претставува претпоставена долна граница за нето плата со додаток за стаж. Ако на оваа бројка се додадат и другите вработени на единиците, бројот на вработени на УКИМ кои може да побараат остварување на своето законско право по пат на тужби ќе биде многу поголем, што би можело да доведе до блокада на работењето на најмалку осум единици. Дел од установите кои имаат некакви сопствени приходи, скоро целокупниот износ го користат за исплата на додатокот за стаж, наместо за унапредување на условите за студирање, развој на научноистражувачката дејност и сл. Најдрастичен пример за разликата во платите за исти звања на УКИМ е примерот со платите на редовните професори на „најбогатата“ и „најсиромашната“ единица – просечната плата на редовен професор на првата е 122.205 денари, додека на втората изнесува само 36.194 денари, што претставува разлика од 3,38 пати. Дополнително, вкупната просечна плата на вработените на четири единици на УКИМ е под 30.000 денари –износ на проектираната просечна плата во државата од страна на оваа Влада.
Сето ова претставува основа на системска корупција во високото образование и науката во нашата земја, и од страна на властите и од страна на оние за кои високото образование во најголем дел постои – студентите. Поради тоа, наместо селективни и паушални решенија кои претставуваат предизборно купување социјален мир, НАкС бара системско решавање на проблемите:
- во законите да бидат предвидени постапки и критериуми за распределба на буџетските средства;
- да се формира Националниот совет, кој е предвиден во Законот за високо образование;
- во најкраток можен рок да се пристапи кон склучување гранков колективен договор за високо образование и наука, во кој иста најниска плата за одреден степен на сложеност на работа ќе биде основата за утврдување на платите кај сите високообразовни и научни установи, ќе се воспостават критериуми за правилно утврдување на коефицентите на сложеност врз основа на барањата на работно место, ќе се оневозможи еднострано менување на вредноста на коефицентот од страна на МОН и ќе се гарантира законското право на додатоци по основ на стаж за сите вработени.