Плусинфо: Народен правобранител по посетата на Боки 13- Сместувањето во Шутка му е задоволително – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/19 2:09 PM

Плусинфо: Народен правобранител по посетата на Боки 13- Сместувањето во Шутка му е задоволително

Сместувањето на Бојан Јовановски – Боки 13 во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е на задоволително ниво, констатирал тимот од народниот правобранител кој вчера го посетил обвинетиот.

– Во текот на вчерашниот ден тим на Народниот правобранител изврши посета и направи увид во целокупната документација во Затвор „Скопје“, при што констатирано е дека сместувањето и третманот во притворското одделение спрема лицето Б.Ј. се на задоволително ниво, односно дека затворот ги почитува пропишаните процедури за третман на лице кое е во притвор – велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Тимот направил детален увид и се задржал во Шутка до доцна попладнево, а дополнително најавуваат дека останува да се провери и во Клиниката за гастроентерохепатологија, дали се испочитувани протоколите согласно медицина базирана на докази.

Покрај Народниот правобранител, вчера во вонредна инспекција биле и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од каде утрово информираа дека не констатирале недостатоци кои се во нивна надлежност.

Од документацијата тие утврдиле дека во период од околу 4 месеци, колку што Боки 13 се наоѓа во притвор, тој 25 пати бил на прегледи со специјалистички и болнички упати.

„При тоа упатите се давани со претходно медицинско  известување до надлежниот суд  за добивање  на согласност за понатамошно лекување, но во дел од случаите пациентот е пратен со Итна медицинска помош до одредена здравствена установа во интерес на побрзо добивање здравствена услуга, за што постои уредна евиденција“, соопштија од ДСЗИ.

Адвокатот на Боки 13, Сашко Дукоски, пред два дена зборуваше за лошата здравствена состојба на неговиот клиент посочувајќи дека никој од здравствените власти не сака да преземе одговорност.

plusinfo.mk