Фокус- Ристоска за „Талир 2“: Груевски организирал, Божиновски реализирал! – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/19 1:16 PM

Фокус- Ристоска за „Талир 2“: Груевски организирал, Божиновски реализирал!

„Не се чуствувам виновен!“ Ова на денешното судење за случајот „Талир 2″ го кажа Кирил Божиновски, поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, во моментот кога требаше да се изјасни за вина.

Поради бегството на екс премиерот Никола Груевски тој не можеше да се изјасни за вина, поради што и му се суди во отсуство, но сепак неговиот адвокат Горан Кракински, поставен по службена должност, истакна дека неговиот клиент не е виновен.

-Во постапката ќе докажеме дека Никола Груевски не е сторител на кривичното дело кое му се става на товар во обвинителниот акт, поради што ќе треба да се донесе ослободителна предуда, рече во воведниот говор адвокатот Кракински.

Претходно својот воведен збор го даде обвинителката Ленче Ристоска, која започна со реченицата дека службената положба и овластување не носат само повластувања, туку и одговорност.

-Со цел да обезбедат ново партиско седиште, обвинетите превземале низа активност спротивни на законските прописи. Груевски организирал, а Божиновски реализирал. Тоа ќе го докажат сведоците кои биле дел од комисиите на ВМРО-ДПМНЕ, членови на извршниот комитет на партијата, како и сведоци кои учествувале во проектите и изградбата на седиштето, рече обвинителката Ристоска, која додаде дека примарна дејност на партиите не е превземање на градежни потфати.

Адвокатот на Кирил Божиновски, Еленко Миланов, во воведниот збор ги оспори „бомбите“ на СЈО предложени како доказ и бараше да бидат издвоени, бидејќи биле стекнати на незаконит начин. Миланов исто така тврдеше дека неговиот клиент е невин и дека бил овластен од партијата.

-Божиновски бил овластен од највисоките органи на партијата и постапувал по нивните одлуки. Зборуваме за склучени договори за облигационо правни односи. Имаме две странки со свои права и обврски, но овде имаме само една странка. Немаме втора страна која се смета за оштетена или ако учествувала во недозволени дејствија да биде до обвинетите.

Ќе докажеме дека Божиновски не само што имал овластување за потпишување од извршен и централен комитет, туку овие највисоки органи донеле и одлука со кои ја одобрија содржината на овие договори.

Дека не може да има инкреминирани дејствија во овие договори не морам да докажуваме. Овие договори се заверени кај овластени нотари кои се должни да ја испитуваат законитоста и доколку се незаконски не смеат да ги заверат. Но, до обвинетите не гледам ниту нотар, ниту институција која го спровела договорот, рече Миланов.

Адвокатот дополни и дека ќе докажат дека и компанијата „Бетон“ имала корист, односно немала загуба.

-Ставени пред свршен чин обезбедивме купопродажни договори со приближна или повисока цена која стои во обвинителниот акт за да докажеме дека не постои несразмерност, рече Миланов, кој додаде дека во предметот нема ништо што не е во согласност со законот.

-Нема забрана дека политичка партија може да поседува имот, сите партии имаат имот, дополни адвокатот на Божиновски.

Наредното рочиште е закажано за 24 декември кога ќе се изведуваат материјални докази.

Во „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање политички партии и Законот за облигациони односи.

Според обвинението, обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари.

Fokus.mk