Познатиот готвач Џејми Оливер започна со отворање нов ланец на ресторани само шест месеци откако неговата компанија банкротираше. Двата нови ресторани во Југоисточна Азија, во Бали и Бангкок, ќе имаат нов целодневен формат за јадење.
Новиот ланец, кој ќе биде во средната ценовна класа, ќе се вика Jamie Oliver Kitchen и делумно ќе биде инспириран од локалната кујна.
Jamie Oliver Group, која управува со 70 ресторани на 27 пазари, ќе го отвори ресторанот Jamie Oliver Kitchen на 21 ноември во Бали и на 28 ноември во Бангкок. Групацијата планира да отвори уште 19 ресторани пред крајот на следната година.
Оливер во мај објави дека неговата компанија во Велика Британија оди во стечај. Групацијата вклучува ланец на италијански ресторани и стекхаус Barbecoa. Пред да отиде во стечај неговиот ланец на ресторани во Велика Британија, Оливер “испумпа” милиони фунти во овој бизнис во последните години.
Сепак, тој на крајот го призна поразот поради нешто што го опиша како „совршена бура“, односно комбинација на раст на киријата, платите, трошоците за набавка на храна, последиците од Брегзит и променетите навики за купување.
Извор: denar.mk