Иднината на проширувањето на маса на министерскиот состанок на ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 11/19/19 8:03 AM

Иднината на проширувањето на маса на министерскиот состанок на ЕУ

Министрите за надворешни и европски работи на ЕУ денеска прв пат по француската блокада во октомври ќе се навратат на прашањето за проширувањето кон западниот Балкан и преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Советот за општи работи кој се одржува денеска не предвидува никакви конкретни заклучоци, туку само размена на мислења помеѓу земјите членки и обид да се излезе од ќор-сокакот откако Париз ги блокираше преговорите со Северна Македонија со изговор дека е претходно потребна реформа на преговарачкиот процес.

Дискусијата ќе ги вклучи и последните предлози на Франција („нон-пејпер”) за пополитички, пореверизбилен и постепен процес на преговори. Франција сака од Советот на ЕУ до јануари 2020 формално да се побара од Европската Комисија да почне да работи на „нова методологија”. Неизвесно е во овој момент дали овој предлог е целосно прифатлив за земјите поддржувачи на проширувањето, кои се во мнозинство во ЕУ, со оглед на тоа дека за изготвувањето на нова методологија ќе биде потребно доста време, велат дипломатите од неколку земји членки на ЕУ.

Од Европската Комисија засега не ги коментираат француските предлози затоа што не се овластени за тоа, потсети пред неколку дена портпарол на оваа институција.

Не треба денеска да се очекува дека министрите формално ќе побараат од ЕК да почне со новата методологија, пред сѐ затоа што во овој момент сѐ уште не стапил на функција новиот состав на ЕК кој го предводи Урсула фон дер Лајн. Сегашната техничка Комисија нема надлежност да иницира нови политики и стратегии.

Од денешната дебата може да се очекува опипување на пулсот на разните земји членки, но не и краен консензус по оваа тема.

Октомврискиот Европски Совет заклучи дека ЕУ треба да се наврати на прашањето за преговорите со Скопје и Тирана до мајскиот самит во Загреб помеѓу ЕУ и земјите од западниот Балкан.

Во меѓувреме, во Франција ќе се одржат локални избори, а во Северна Македонија парламентарни. ЕУ би требало во текот на тој период да го реши и прашањето за истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ.

МИА