Вандали повторно уништуваат јавен имот во Делчево. Во последниот случај на мета на вандалите бил летниковец во близина на детското игралиште во населбата Милково Брдо. Вандалскиот чин е пријавен до надлежните и до Јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница”, од каде информираа дека нивни екипи се на терен за санација на оштетениот летниковец.
– Ова не е прв пат да се случуваат вакви девијантни појави, кршењето на инвентарот е само еден од случаите, за кој некој мора да понесе одговорност. Дали се работи за пијани млади лица или е во прашање нешто друго, не можеме да потврдиме, но факт е дека таквата појава се повторува и мора да се санкционира, информираа од претпријатието.
Тие додаваат дека вандалскиот чин е пријавен до надлежните, по што очекуваат брза разрешница и фаќање на сторителите.
Реакција за вандалскиот чин, денеска имаше и од Општина Делчево.
– Уништувањето на урбаната опрема значи уништување на јавни добра купени со буџетски средства на Општина Делчево. Од тој аспект, граѓаните треба да се сами свесни дека со уништување на урбаната опрема во градот, самите себеси си прават штета, а во конкретниот случај уништуваат детското катче и им ја скратуваат играта на децата за кого се наменети поставените реквизити, додадоа од Општината.
Осудувајќи го чинот на вандализам, од Општината испратија апел до граѓаните да се грижат за општинскиот имот и потсетија дека согласно актуелните законски одредби, забрането е уништување на урбана и друга опрема, за што е предвидена мандатна казна за сторителите која изнесува 200 евра во денарска противвредност.
МИА